Тринаесет деца од нула до две години имаат наод на салмонела, се чекаат уште резултати. Детската градинка „Корчагин“ во Центар деновиве е под строг надзор и со посебни мерки.
Здравствени работници од Центарот за јавно здравје направиле увид и земале микробиолошки примероци.
Децата се со потврден наод, а негувателите биле негативни. Тестовите ќе покажат дали некој од кујнскиот персонал е заразен.
Санитарни инспектори веќе ја посетиле градинката и издадени се повеќе мерки.
„ПО НИВНОТО ИЗВЕСТУВАЊЕ, ОД СТРАНА НА ДСЗИ Е ИЗВРШЕН ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР И СЕ ИЗДАДЕ РЕШЕНИЕ ВО КОЕ СЕ НАРЕДУВА НА ОБЈЕКТОТ „ПЕПЕЛАШКА“ И НА ОБЈЕКТОТ „ПИНОКИО“ ДА СЕ ИЗВРШИ КОМПЛЕТНО МЕХАНИЧКО ЧИСТЕЊЕ НА СПОРТСКАТА САЛА, НА КУЈНАТА, НА ЗАНИМАЛНИТЕ. ПРИЕМ ВО ГРАДИНКАТА НА ДЕЦА СО ПОЗИТИВЕН НАОД НА САЛМОНЕЛА ДА СЕ ИЗВРШИ СО ДОКУМЕНТ, СО ДВА ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ НЕГАТИВНИ РЕЗУЛТАТИ И ВО КОНСУЛТАЦИЈА СО ДОКТОР КАКО И ДА СЕ ИЗВРШИ ВОНРЕДЕН ЗДРАВСТВЕНО-ХИГИЕНСКИ ПРЕГЛЕД НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЈНИТЕ“ ВЕЛИ РЕНАТА МЛАДЕНОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ДРЖАВНИОТ САНИТАРЕН И ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ.
Иако од страна на ЦЈЗ-Скопје веќе е направен увид, ниту една од насоките до менаџментот не гласи да се повикаат и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, брифираат од градинката.
До АХВ не пристигнала ниту претставка.
„ДО ОВОЈ МОМЕНТ НЕМАМЕ ДОБИЕНО ОФИЦИЈАЛНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ПРЕКУ ЕПИДЕМИОЛОШКИТЕ СЛУЖБИ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ЗА СОМНЕЖ ЗА НАВОДНО ТРУЕЊЕ СО ХРАНА НА 13 ДЕЦА ОД ДЕТСКАТА ГРАДИНКА КОРЧАГИН, КЛОН „ПИНОКИО“ ВО СКОПЈЕ. ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО И ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ, НЕ Е ПОДНЕСЕНА НИТУ ПРЕТСТАВКА ОД ГРАЃАНИ ЗА ВАКОВ СЛУЧАЈ“ ВЕЛАТ ВО ОДГОВОР ЗА ТЕЛМА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО.
Првиот случај е регистриран пред една недела. Потоа се појавиле и другите случаи. Симптомите присутни кај децата биле дијареја и покачена телесна температура.
Но, засега не е констатирано од каде е потеклото на заразата.