15 месеци затвор за анестезилогот од Тетово кој снимаше пациенти

|

Анестезиологот Валтон Дервиши кој на социјалните мрежи во живо снимаше пациенти и вработени во Клиничката болница Тетово денескa на почетокот на судењето ја призна вината, по што судот му одреди единствена казна затвор од една година и три месеци.

Тој беше обвинет за две кривични дела „несовесно работење во службата“ по член 353 од Кривичен законик и кривично дело „неовластено снимање по член 152“. Судот за првото дело му одреди казна затвор од една година, а за второто – пет месеци или единствена казна затвор од една година и три месеци. За изречената казна се засметува и времето во притвор до 14 април до денес.

– Несовесно постапил во вршење на своето овластување и должност на тој начин што неовластено направил видеоснимка во службените простории на Клиничка болница Тетово, Оддел за гинекологија и истите непосредно ги пренесувал во живо на социјалната мрежа Тик-ток, со што на оштетените пациенти и вработени им ги повредил правата и им нанел штета, повредувајќи ја нивната приватност и углед со што и во голема мера ги вознемирил оштетените и пошироката јавност, беше наведено во пресудата која ја прочита судијата Назиф Илијази.

Осудениот има право на жалба на пресудата во рок од осум дена. Судот одлучи да му ја укине мерката притвор и му определи мерка куќен притвор од 60 денови. Осудениот Дервиши снимките ги имаше направено на 14 април годинава, по што беше пријавен во полиција. Беше приведен истиот ден што судија во претходна постапка му одреди и притвор.