19 годишен Скопјанец украл околу 900 евра од ресторан, во друг случај украл комбе „мерцедес вито“

|

Основното јавно обвинителство од Скопје покрена постапка против 19-годишен скопјанец кој се сомничи дека сторил неколку кривични дела.

Како што денеска информира ОЈО Скопје, лицето се сомничи за две тешки кражби, една кражба, еден обид за тешка кражба и за одземање на моторно возило.

– Согласно доказите обезбедени до овој момент, осомничениот на 14 јуни, од ресторан на булеварот „Словенија“ одзел 700 евра и 11.000 денари. Искористувајќи ја околноста што ресторанот бил привремено затворен за работа, со физичка сила ги отворил вратите, влегол внатре и од една од работните простории ги одзел парите. На 7 август повторно насилно влегол во истиот ресторан со намера да одземе туѓи подвижни предмети, но бил забележан од една вработена и побегнал, информира ОЈО Скопје.

На 27 август, преку отворен прозорец во спалната соба влегол во стан на улицата „Благој Давков“ и додека сопственичката спиела, одзел ранец во кој имало мобилен телефон, слушалки, мини звучник и други предмети во вкупна вредност од околу 20.000 денари. Потоа, на 29 август, од паркинг простор на улицата „Максим Горки“, украл комбе „мерцедес вито“. Возилото било незаклучено, а клучот бил оставен во контакт-бравата за погон, па осомничениот го стартувал и заминал со него. На 31 август, влегол во печатница на улицата „Анкарска“ и од една од работните простории одзел чанта во која имало мобилен телефон, паричник со 500 денари, документи, банкарски картички и други предмети во вкупна вредност од 36.000 денари.

Поради опасност да побегне, одреден му е притвор.