Од 20 евра за метар квадратен земјиште на кое може да се подигне нова градба, до купување на мали хотели – Македонците и оваа година продолжуваат да купуваат имоти на грчкиот Халкидики.
Агенциите од Македонија, потврдуваат дека може да се купи плац за градба по 20 евра од метар квадратен покрај руралните средини подалеку од плажите, а обично земјиштето чини од 50 до 70 евра по м2.
Во Македонија има околу 30-ина агенции кои продаваат имот на Халкидики а во главно се рекламираат „герилски“ на фејсбук-страници. Поактивни се оние од југоисточниот крај на Македонија, бидејќи се поблиску до Грција и има поголема концентрација на заинтересирани со куповна моќ.
Инаку, иако цените за сместување останаа повеќе или помалку исти како минатата година, цените на кафето и пијалаците во Грција се во просек за околу 1 евро повисоки отколку во 2018 година, според српски „Телеграф“.
Во Олимпискиот регион половина литар домашно грчко пиво чини во просек околу 3,5 евра, а увозните до 4,75 евра.
Слични се цените и на Халкидики. Во Сарти лежалките ќе ги добиете бесплатно, но со најмалку еден испиен пијалак, главно кафе кое чини 4 евра или пиво од 3 до 5 евра.
Во Неа Мармарас, цените се малку повисоки отколку во останатиот дел од Халкидики, па грчко фрапе (кафе) ќе ве чини 3 евра, а мало пиво дури 5 евра.
Во најстарото село во Ситонија, Никити е можеби и најевтино кога зборуваме за Халкидики, така што кафето не надминува 2,5 евра со лежалка, а пивото е до 4 евра. Сендвичите и сувлакито чинат од 2,5 до 4 евра.
Што се однесува до водата, шишенце од половина литар чини 50 центи, а она од еден литар од 1,5 до 1,7 евра.
Цените во рестораните, исто така, се поскапи за 1,5 евро и споредба со податоците од 2017 година, па така за оброк во просечен ресторан ќе платите најмалку 8 евра. Што се однесува до цените на уличната храна, тие не се разликуваат многу во цела Грција – 2,5 евра гиро, сувлаки 2,90 евра, тиропита 2,5 евра итн.
Во места каде што се плаќаат лежалки цената е обично 5 евра за лежалка(северна Грција и островите Додеканези), додека на Кикладите изнајмувањето лежалки за плажа е многу скапо, и се движи до 120 евра во Миконос.