3 посни рецепти кои ќе ја збогатат вашата трпеза за СВ.Никола

ИЗВОРnovlist.mk
|

Празничното божиќно расположение и исчекување на најрадосниот христијански празник кај православните христијани започнува од Свети Никола.


Овие рецепти се доказ дека и посната храна може да биде вкусна и со нив сигурно ќе ја збогатите трпезата за најголемата македонска слава Свети Никола кога најчесто се принесува посно гравче, риба и посна сарма.

ПИПЕРКИ ПОЛНЕТИ СО ГРАВ


Потребни состојки:

500 грама грав, 4 главици кромид, 8 кисели пиперки бабури од туршија, црн бибер, масло, сол

Подготовка:

сварете го гравот заедно со исечените парчиња од кромид и исцедете го. Потоа измелете се заедно, додадете масло и бибер по вкус. Со добиената смеса наполнете ги киселите бабури од туршија. Преостанатиот грав ставете го на дното во тавата, а над него наредете ги пиперките и кратко потпечете во рерна.

КОРПИЧКИ СО САРДИНИ И РАСТИТЕЛЕН КАШКАВАЛ

Потребни состојки:

16 шампињони, 2 конзерви сардини, црвена печена пиперка, 100 г. растителен кашкавал, лимон, црн пипер, сол

Подготовка:

Исчистете ги шампињоните, исечете ја дршката, а врвовите наредете ги во мрсна тава. Измешајте ги сардините во блендер заедно со маслото од конзервата. Додадете ја ситно исечканата пиперка и сок од лимон, црн пипер и сол по вкус. Наполнете ги шампињоните со смесата и запечете во рерна петнаесетина минути. Потоа извадете ги, посипајте ги со рендан растителен кашкавал и печете уште малку додека кашкавалот не се растопи.

ПИТА СО ТИКВА И СЕЧКАНИ ОРЕВИ

Потребни состојки:

500 гр. кори, 700-800 гр. изрендана тиква, 250 гр. сечкани ореви, 150 гр. шеќер, масло по потреба, цимет

Подготовка:

Изрендајте ја тиквата, додадете ги сечканите ореви, шеќерот и циметот, па убаво измешајте ја смесата. Попрскајте една кора со масло, па на неа ставете друга кора, па повторно попрскајте масло, па преку неа ставете трета кора и на неа распоредете го филот од тиква. Замотајте во ролна и ставете во тавата за печење. Правете на истиот начин ролни се додека имате материјал, па потоа печете околу 40 минути на 180 степени.