39 илјади денари сметка: Граѓаните револтирани од високите сметки кои им ги испорача ЕВН

|

Вчера пред пунктот на ЕВН во Аеродром група жители на Скопје поради значително зголемените сметки за електрична енергија го изразија својот револт. Според тврдењето на некои од нив, дури и оние кои не се греат на струја, сметките им се многу поголеми од месечните примања, објави ТВ21.

– Излегов на протест денеска, бидејќи ми дојде сметка 39.000 денари. За декември ми дојде 34.500. Нека ми каже премиерот како јас да ја платам сметката за струја кога земам минималец 18.000 денари. Нека ми каже и ќе ја платам – вели еден од граѓаните кои беа собрани пред ЕВН.

– Сама живеам со 14.000 пензија, 7.000 струја што не е потрошена. Не се греам на струја, на плинска печка се греам, на плин готвам, едно кафе не варам на струја. Кафе, чај на плин готвам и сијалиците трчам ги гасам во темница седам, да не трошам струја зошто слушам на ТВ да се штеди, да се штеди, штедам максимално. И кога дојде сметката, ќе добиев срцев у дар – рече една повозрасна жена која беше да се пожали за високата сметка.

Од ЕВН велат дека сметките за струја во зимскиот период се повисоки од другите месеци, бидејќи дел од граѓаните немаат друга опција за греење. Во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на струја. Зголемувањето на цената, според компанијата, игра минимална улога.

– Во некои од прашањата на корисниците за сметките се утврди дека во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат-часови колку што е во сметката, а во некои случаи стануваше збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период. Корисниците во приемните канцеларии чекаат во зависност од барањето кое го поднесуваат – велат од ЕВН.