Близу 90 илјади работници се уште ја чекаат платата за април, ова го покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.
Од kanal5.com.mk известуваат:
Овде влегуваат оние со минималец од 18 илјади денари. Мартовска плата пак, се уште не зеле нешто над 7 илјади работници. Овие работодавачи се соочиле со опомени, а дел и со блокирање на сметките бидејќи и покрај опомените не пуштиле плата, но процедурите со нив се уште траат.
На брифинг, од УЈП информираа и за контролите кои изминатиов период се извршени во неколку ланци на маркети каде е извршен увид во состојбата на залихите кои ги имаат. Кај тројца трговци е констатиран кусок од 70 милиони денари по основ на продадена, а не евидентирана роба.
„Кај еден од маркетите контрола е извршена на 21. и 22. март со 82 деловни единици, односно маркети и магацини. Констатиран е кусок од 36 милиони денари, а понатаму ќе има и други анализи. На сите три деловни субјекти од страна на УЈП треба да им се наплатат околу 15 милиони денари по два основи (персоналец и ДДВ).“ велат од УЈП.
И покрај кризата и лошата состојба на фирмите УЈП успешно ги наплаќа даноците, уверуваат оттаму. Зголемување на наплатата има кај данокот на добивка и персоналецот како и кај ДДВ-то.
Од УЈП информираа дека и проектот МОЈ ДДВ успешно се реализира, измени не се предвидени, а регистриран е и зголемен број на корисници.