Градот Скопје наскоро ќе ја одбележи 55-та годишнина од катастрофалниот земјотрес. Утрото на 26 јули во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихетеровата скала го срамни Скопје со земја и го остави градот без сите врски со светот. Загинаа 1.070 лица, повеќе од 4.000 беа повредени, околу 200.000 останаа без покрив над главата, 28.000 домови беа оштетени и нешто повеќе од 15.000 станови беа урнати. Први што им пристигнале на помош на скопјани биле војниците и граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнале да пристигнуваат помош и спасувачки екипи од целиот свет. Според тогашните извештаи, 87 странски нации испратиле најразлична помош за Скопје и помогнале во изградбата на новото Скопје. Од тогаш и Скопје го носи епитетот „град на солидарноста“.
„Секое лето, со години, Скопје има повод да се навраќа на далечната 1963 со силно чувство на морален долг кон сите што великодушно помогнаа да се надминат тагата и болката, да се надминат настанатите катастрофални последици од земјотресот. Тогаш, Скопје стана митолошки нектар на вистината за човековата хуманост, а сега е момент пак да се искаже радоста за овозможениот растеж на градот токму преку таа солидарна помош. Едноставно, се има потреба од соодветен показ на почит и благодарност кон светот, се има потреба од потсетување на постојните универзални вредности, од потсетување и чествување на солидарноста, не само како човечка особеност туку како концепт на живеење. Во име на моралната парадигма што ја носат сите скопјани се поставува прашањето: како тоа да нема ништо за паметење на моментот на солидарноста? Парк, скулптура, комплекс, каква и да е уметничка творба, урбана структура со социјална димензија…? Нешто постоеше, но го снема. Потребата е сеуште тука. Лебди во воздухот предизвикот, вели пораншената претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска.
Скопје е град кој во историјата неколку пати бил погодуван од силни земјотреси и поплави а во далечната 1689 година бил и запален од австрискиот генерал Силвио Пиколомини. Но, и по сите човечки и елементарни непогоди, градот повторно воскреснувал и се градел. И денес изградбата не запира, Скопје продолжува интензивно да се гради и проширува. Скопје е град со своја историја, препознатливи улици, квартови и маала, со објекти изградени од антологиски автори, но и град кој особено изминатиов период претрпе многу измени во поглед на архитектурата. Како во сите овие изминати години после земјотресот се градеше македонската архитектура? Дали градот на солидарноста ја за задржа душата на стариот град онака како што го паметат старите скопјани? – Ќе го споменам Кејот на Вардар пред да се менува, онака како што постоше, имавме еден остаток од 50-60-тите години, иако беше едно неугледно место, сепак имаше страшна поетика и душа, особено кога се менуваа годишните времиња, во периодот на есента, тие жолти лисја, дрворедот, тие сцени се доживуваа како нешто што е дадено, и се тоа се промени. И сега откако се промени особено во оваа фаза на градилиште, трајно е одземена таа атмосфера, не зборам за убавина или за естетика, туку за нешто лично, за некакво чувство. Значи треба да се има еден личен однос со градот, да нема насилство на градот, а сега за жал сме во една таква фаза на насилство, што дава резултати кои понатму ќе треба да се трпат, а ќе ги трпи градот, изјави проф. д-р Минас Бакалчев од Архитектонски факултет при УКИМ. Како се градеше Скопје? Обновата и изградбата на новото Скопје, односно развојот на модерната архитектура го карактеризираат неколку фази. Архитектот проф.д-р Михаил Токарев, во својот труд насловен како Историско-критички поглед на архитектурата, објавен лани по повод 50-годишнината од земјотресот, посочува дека првиот важен насатан во архитектурата е економска реформа во земјата, со која привремено се забранува инвестирање во објекти од нестопанските дејности, односно во оние од високоградбата, што многу го стеснува просторот на архитектонското проектирање. Вториот важен настан претставува воведувањето на престижната Борбина награда за архитектурата (1965), која уште повеќе го поттикнува натпреварувачкиот дух меѓу архитектите во земјата. Професорот Токарев наведува дека развојот на модерната архитектура во Македонија од средината на 60-тите години е директно зависен од општествено-политичката состојба во СФРЈ, но и од економските услови кои владеат во Републиката. Со економското зајакнување на земјата, во средината на 70-тите години започнува позасилена архитектонска активност, со што се создаваат релативно голем број разновидни квалитетни објекти и во Македонија. Третиот период во развојот на модерната архитектура во Македонија, всушност започнува по земјотресот од 1963 година, во кој се уништени преку 85% од станбениот фонд и преку 80% од културно-историските објекти во Скопје. Обновата на градот е овозможена со материјална помош од тогашните југословенски републики и од странство, со што Скопје станува град на меѓународната солидарност. Во 1965 година е прифатен новиот Генерален урбанистички план, изработен од домашни архитекти во соработка со Полсервис од Полска, а под раководство на Адолф Циборовски. Планот содржи: три главни станбени зони, индустриски и деловни зони, како и зона за масовна активна рекреација. Посебно внимание му е посветено на сообраќајното решение со издвојување на транзитниот сообраќај. Централното градско подрачје на Скопје ја добива својата физиономија по меѓународниот конкурс за негово урбанистичко решение. На конкурсот земаат учество четири југословенски и четири странски тимови, посочува професорот Токарев, додавајќи дека странските тимови имале задача да одговорат на неколку барања во конкурсот: Да се добие достоинствен центар на главниот град, кој би одговорил на традиционалните карактеристики на градските центри во Македонија, при што истовремено да биде современ и пригоден за градски живот. Влезот во центарот од страната на новата железничка станица да се предвиди низ специфична порта, оформена со повеќекатни административни објекти. Сообраќајот да биде комбиниран (моторен и пешачки) на различни нивоа. Со решението треба да се создаде релативно изолиран (мирен) центар, но со добри врски со другите делови на градот. При сето тоа, треба да се зачува Старата чаршија, а тврдината Кале да учествува во урбаната композиција. Како композициска оска на ова комплексно решение, се јавува коритото на реката Вардар. За победник на овој конкурс е прогласен афирмираниот јапонски архитект Кензо Танге, кој понудил компактна изградба и релативна изолираност на градскиот центар.
„По периметарот на центарот е предвидено создавање на Градски ѕид оформен со повеќекатни блокови. На влезот се предлага висински акцент, создаден од група кули, кои би требало да ја оформат портата на центарот. До неа се доаѓа од железничката станица, која денес според проектот на Кензо Танге, веќе е изградена како дел од првата фаза на идниот Транспортен центар. Конкурсната идеја на Кензо Танге е разработена и доведена до фаза на реализација од страна на група македонски архитекти. Тие ја создаваат т.н. деветта варијанта на планот, во која се вградени повеќе квалитетни елементи и од останатите конкурсни решенија, а најмногу од Кензо Танге и од Едвард Равникар. Во рамките на центарот подоцна се изградени нови општествени објекти со разновидна намена, големина и облик, а особено со различни архитектонски изрази. Поради тоа, може да се каже дека и покрај релативно големата дисциплина, во реализацијата на планот е испуштена можноста за интегрално обликување на центарот на Скопје“, посочува професорот Токарев.
Во тој период Скопје почнува забрзано да се обновува и да се гради. Покрај општествени, во обновата на Скопје се подигнати и многу голем број станбени објекти со кои се оформува центарот и новите квартови во градот, кој зафаќа сè поголема површина. Според хронолшките податоци, масовната изградба на поголеми станбени објекти започнува најпрвин во центарот на Скопје и тоа во состав на т.н. Градски ѕид, кој е идејно дефиниран со конкурсниот проект на Кензо Танге. Но, при разработката на проектот со т.н. деветтата варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Домашни и странските архитекти учествувале со масовната обнова и градба на новото Скопје.
„Влошената економска состојба во 90-тите години, наложува многумина македонски архитекти, освен кон проектирањето индивидуални станбени објекти, да се свртат кон уметноста на внатрешното уредување, каде што завиден резултат постигнува помладата генерација. Се уредуваат голем број разновидни ентериери, од мали угостителски локали, па се до внатрешноста на многу значајни репрезентативни објекти. Поради тоа, не може да се воспостави единствен критериум за нивно валоризирање и за релевантно споредување со западноевропските примери. Сепак, за добар дел од нив може да се каже дека имаат изграден уметнички став. Општествено-политичката транзиција во 90-тите години создава речиси сосема неповолни услови во градителството. Со трансформацијата на сопственоста на земјиштето целосно се менува претходното социјалистичко самоуправно планирање на просторот. Цената на градежното земјиште бележи голем пораст, а реализацијата на новите урбанистички планови станува сè потешка. Во процесот на приватизација се распаѓаат дотогашните големи проектантски и градежни претпријатија, а секој ден се регистрираат нови помали фирми, кои се занимаваат со инженеринг“, пишува професорот Токарев.
Македонската архитектура во втората половина на 90-тите години доживува мала архитектонска експлозија. Се проектираат и започнуваат да се градат голем број разновидни објекти, а преку проектите одново заживува истражувањето на нови можности во архитектурата, кои според својот архитектонски израз се движат од неорегионализам до реинтерпретација на пионерските движења на модерната. Но подоцна новите објекти ги пренатрупуваат старите градски квартови, чија инфраструктура има ограничени можности. На таков начин, настанува еден нов вид урбан хаос, посочува професрот Токарев, што често предизвикува граѓанско незадоволство и немири. Како најнегативен пример од таа област во последната деценија на ХХ век се наведува Дебар Маало. Последниве неколку години, Скопје се преоблече во сосема ново руво-барокно. Со владиниот Проект Скопје 2014 фасадите на општествените и на дел од станбените објекти добија нови фасади во неокласицистички стил. Централното градско подрачје се надополни и со низа споменици. Овој архитектонски стил сеуште трае, а нови барокни фасади ќе добијат и дел од оние објекти изградени од познати реномирани автори, како на пример Градскиот трговски центар.
(Кристина Петрова)