Забрана за излет на Пеленица, постои сомнеж дека е депониран токсичниот линдан

ИЗВОРТелма
|

Излетничкото место Пеленица кај Драчево е забрането за учениците. По наредба на Министерството за животна средина, Министерството за образование им наложи на сите општини во Скопје, основните училишта да не организираат еднодневни екскурзии во местото за кое постои сомнеж дека е депониран токсичниот линдан од фабриката ОХИС

Не смее децата да се во близина на нешто што може да им наштети.Дадени се инструкции да се избегнува Пеленица и да внимаваат каде организираат излети, вели Петар Атанасов МОН.
Информацијата за можна дива депонија на линдан во близина на село Драчево, до Владата била доставена уште летово од страна на канцеларијата за неразградиви органски загадувачи, но посочената локација допрва ќе се испитува. До крајот на годинава, Министерството за животна средина уверува ќе го огради просторот на кој според кажувања на поранешни работници, во 1976 година се фрлени 8000 тони од прашакот за кој тогаш не се знаело дека е опасен по здравјето.

Министерството за животна средина ќе ја огради локацијата со непровидна ограда во висина од 2,5 м и ќе постави табла со натпис “Забранет пристап за неовластени лица”. Забраната ќе трае се до утврдување на мерките и активностите за спречување на загадувањето на околината од депонираниот отпад, соопштуваат од Министерство за животна средина.
Освен во близина на Пеленица, линданот во 70-тите години бил складиран и на малата и големата депонија во кругот на ОХИС каде се проценува дека има над 40.000 тони контаминирана почва. Владата пред неколку дена најави дека преку новоформиран фонд почува со собирање на средства од дома и странство меѓу 40 и 260 мил евра за технологија со која и двете депонии ќе бидат исчистени. Но граѓаните кои живеат во најблиското место Пинтија се сомневаат во владините заложби. Не веруваат дека ќе се стави крај на линданот кој го уништува нивното здравје.

Од канцеларијата за неразградиви органски загадувачи велат дека прво ќе се чисти малата депонија за што се обезбедени 9 милјони долари. Процесот ќе почне во март со објава на јавен повик за избор на технологија за чистење а работите на терен ќе стартуваат кон крајот на 2019.

Тој што ќе понуди соодветна технологија, ќе почне со малата, но има обврска големата депонија да ја покрие се дури не с еобезбедат пари, за да се спречи емисија на линдан во водата, воздухот, Сузана Андонова канцеларија за неразградиви органски загадувачи ПОП.
Линданот тешко се распаѓа во животната средина, го има во Вардар, се расејува во почвата како и во ПМ честичките но по деконтаминацијата што ќе се спроведе, се очекува почвата да биде безбедна за животната средина. Според ДУП до 2024 спорната локација е наменета за индустриски потреби но останува отворено прашањето дали потоа просторот ќе биде погоден за резиденцијални објекти и живеење.

Виолета Стојановска