Затвореникот Александар од Идризово: Се разболев а тука ме третираат како експериментален глушец

ИЗВОРВечер
|

Системот на здравствената заштита во казнено – поправните установи во Македонија е лош и нефункционален. На затворениците, иако со Устав им е загарантирано правото на здравствена заштита, тие сепак не можат тоа право и да си го остварат.

Ова за весникот Вечер го изјави штитеник од КПД „Идризово“ кој во текот на издржувањето на затворската казна заболел од сериозно психолошко заболување. Според мислењето на затворскиот психијатар, но и на врвни професори, тој треба да се лекува со конгитивно-бихејвиорална терапија во домашни услови. Наместо тоа, тврди дека добива неефективна разнолика фармако терапија и инјекции од брза помош.

Соговорникот е осуден на шестгодишна казна затвор од која има издржано повеќе од 4 години и му останале уште 18 месеци. На барање на докторите, во изминатите денови бил пуштен на домашна нега, но таа му завршила вчера.

„Ме уништуваат систематски со употреба на неефективна терапија. Нема услови да издржувам затворска казна во било кој затвор во РМ, бидејќи професорите Антони Новотни, Методи Чепреганов и специјалистот затворски психијатар укажуваат дека сум во животна опасност и дека доколку оваа стресогена состојба продолжи можни се дефинитивни оштетувања на срцето и мозокот. Ме третираат како експериментален глушец“, изјавил Александар П. за весникот.

Тој додал дека за неговиот случај се запознати сите надлежни институции, па дури и лично премиерот. Се надева дека некој ќе има слух за неговиот проблем, во спротивно најавува штрајк со глад.