Стопанските комори ќе добијат писмени известувања од економските ресори за нивните клучни барања

ИЗВОРСојуз на стопански комори
|

Петте министри од економски ресори се обврзаа до крајот на месецот да им одговорат на четирите Стопанските комори за статусот на барањата поврзани со измените во регулативата во повеќе области

Tековните измени во законите за просторно и урбанистичко планирање и за градба, законите за данок на личен доход и за јавни набавки, правилата за категоризација на угостителски објекти, состојбата со кредитирање и други регулативи под надлежност на Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделие беа клучни на минатонеделната, втора седница на Комисијата во рамки на Платформата за јавно-приватен дијалог, којашто произлезе како резултат на склучениот Меморандум за соработка помеѓу Владата и најголемите четири стопански комори (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори).

Главната цел на овој процес е да се воспостави дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, да се акцентираат веќе детектираните проблематични делови од одделни закони и да се укаже на потенцијални измени и регулаторни норми кои се тешки или невозможни за соодветна имплементација и не ја постигнуваат целта на своето постоење.

На седницата беше договорено одговорите и ставовите на надлежните министерства да се достават најдоцна до крај на месец декември, а следна седница на Комисијата за јавно приватен дијалог, според динамиката на работа, да се одржи на почетокот на месец март 2019 година,  кога ќе се разгледуваат конкретните забелешки и сугестии кои стопанските комори ги доставија до ресорните министерства, а со цел да се подобри бизнис амбиентот во кој што работат.