Веројатно секој од вас се сеќава на големиот диносаурус од железо што во 2015 – тата беше поставен пред објектот Бриколаж со кој се фотографираше секој еден што ќе помине. Слични вакви, во малку помали димензии, неодамна осамнаа во паркот во населба Ченто од истиот автор Андреј Миневски кој прави вистинска уметност од старо железо и помага за почиста околина. Ние имавме можност да поминеме едно попладне во неговата работилница во која заедно со неговиот пријател Тоше прават вистинска уметност од разни материјали.
Во интервјуто, тој говори за тоа како успеал да ги изработи џиновските дела и како со тоа ѝ помага на природата, а ќе каже и дека во Македонија има многу талентирани уметници на кои им треба простор и малку поддршка за да го покажат својот потенцијал во целост. Доколку сè уште ги немате погледнато неговите дела, имате можност за тоа до 15 – ти декември, а потоа истите се „селат“ во Белград на изложба, па како што се надева Андреј, во парк за скулптури надвор од Скопје на чие создавање работи. Ние му честитаме на неверојатната креативност и успехот да направи диносауруси од отпаден метал кои се вистинско сведоштво за тоа со какви таленти располага Македонија.
-Од каде дојде идејата за ваквите дела?
Сосема случајно дојде идејата да се направи диносаурус, беше нарачка за отпадот и ми дојде интересно и продолжив во тој правец. Првиот диносаурус беше оној што беше поставен пред Бриколаж и тогаш за прв пат работев со железо, па и овојпат си реков повторно да искористам нешто такво и ги создадов и овие. Птицата диносаурус беше дел од „Скопје креатива“ и повторно ја изложивме тука, а другите два се сосема нови. Истите беа дел од проект на град Скопје и општина Гази Баба, од каде ми дозволија да ги изложам во паркот во населба Ченто. Интересни им се на луѓето затоа што претходно не виделе такво нешто, прашуваат како се направени, како може од ништо, да се направи нешто…
-Зошто диносауруси?
Нема никаква конкретна приказна, ги направив сосема случајно по нарачка. Купив макети за да не правам скици и почнав со изработка. Се земаат димензии од макетата, се зголемуваат, се прави носечка конструкција, се става „кожата“ или деловите и внимаваш како работиш со металот бидејќи не секогаш соработува (се смее). Јас всушност по професија сум вајар, имам завршено средно уметничко, отсек вајарство, потоа ликовна академија и оттаму почна целата приказна.
-Од каде ги наоѓате материјалите? Мислите ли дека со ваквиот потег ќе ја поттикнете свеста за рециклирање?
Најчесто од отпад, од автосервиси, имам пријател кој многу ми помага од сервисот Коп и оттаму најчесто ги набавувам материјалите, а ги транспортирам со комбе од леарница Панко. Сосема на крај, тоа и ми е целта, да ја поттикнеме свеста за рециклирање. Од сè може да се направи скулптура, од пластика, од ќеси, од голем дел од работите што се фрлаат. Треба луѓето малку да размислат што прават и да се промени нешто околу тоа.
-Колку време Ви беше потребно за изработка на едно дело?
За еден диносаурус ми беа потребни три месеци да го направам, а сега подготвувам нов, најголем од сите за кој сигурно ќе ми треба многу повеќе време. Во моментов имам една цел и најмногу се концентрирам на тоа. Сакаме да направиме парк во кој ќе сместиме различни метални скулптури и да нема само диносауруси, туку дела од различни материјали и од различни автори. Луѓето да се чувствуваат како да се на друга планета и малку да избегаат од реалноста. Би сакал паркот да биде некаде надвор од Скопје, близу до река, на некоја планина, некаде во дивина за да се доживее моментот во целост. Луѓе од страна да доаѓаат да го посетуваат, баш да биде атракција. Треба да се најдат луѓе кои би сакале да финансираат такво нешто, бидејќи за тоа треба средства, а истите е многу тешко да ги добиеш денеска. Треба да се подржуваат младите артисти. Многу уметници се откажуваат од уметноста затоа што нема каде да работат, нема каде да творат. Потребно е место со комплетен алат каде можеме да работиме и да ги создаваме нашите дела. Има многу талентирани луѓе во Македонија на кои дефинитивно им треба простор да се изразат.
-Кои се Вашите идни планови?
Делата ќе бидат во паркот во Ченто до 15 – ти јануари, потоа ќе бидат транспортирани во Белград на изложба на еден фестивал на кој ме поканија да учествувам. Луѓето од „Скопје креатива“ стапија во контакт со мене и ми кажаа дека има фестивал во Белград на кој ме поканија и минатата година, но немав време да отидам, па затоа оваа дефинитивно ќе ги „носам“ диносаурусите. Ќе биде интересно, ќе има уметници од целиот свет, музика, убави луѓе…