Јована Трајчевска од Ресен со целосно оштетен вид. Но, тоа не ја прави да биде поразлична од нејзините врсници. Мултиталентот кој го поседува е многу поголем од хендикепот.
Новинар: Го сакаш ли пијаното?
„Да, и тоа многу. Уште кога сум имала пет години или четири најомилени инструменти ми биле гитарата и пијаното. Па на музичко кога започнав уште во прво одделение, тоа сѐ уште го паметам, кога учевме песнички, наставничката свиреше пијано, а јас пеев тивко само за да го слушам пијаното. И тогаш наставничката малку ми викаше. Многу милозвучен звук има и сама компонирам на него. И ако слушнам некоја песна ако ми се допадне ќе се потрудам да ја отсвирам со пеење на нотите, на пример на, на на… и така според мојот глас ги наоѓам и нотите“, вели Јована од Ресен.
Јована, покрај пијаното е голем љубител и на пишаниот збор. Досега има добиено и голем број на награди. При своите настапи во училиштето или концерти, не чувствува трема.
„Ни најмалку. Затоа што сум настапувала најпрво на приредби во училиштето на патронати. Па потоа сум настапувала со пеење на „Б-Фест“ и така таа трема сум ја поминала. Сакам да свирам, би сакала да бидам една од познатите“, додава Јована.
И тоа не е се што може да кажеме за Јована од Ресен. Таа одлично игра и шах.
„Првак сум на Балканот на слепи лица и имам пехар за прво место“
Нејзиното семејство, повозрасната сестра, помалиот брат, мајката и таткото се горди на успесите на Јована. Родители задоволно коментираат дека трите деца посетуваат одреден специфичен талент.
„Јована како дете со хендикеп, уште како мала поради тешка болест го изгуби видот и ја запишавме во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје“, вели Јасмина Трајчевска – мајка на Јована.
„Јас и помагам за се. Цел ден сме заедно, нема кога не сме. Само кога таа е на училиште. И помагам за се што не може таа да направи и се сложуваме во се. Таа ми е учителка и ме учи пијано“, вели сестрата на Јована.
Јована е член и во здружението „Мобилност“ каде и се отворија нови хоризонти. Таа настапува на многу концерти, а со посебно внимание вели нејзините тајни и понатаму ќе ги споделува со нејзините бројни домашни миленици.
Јовица Пауноски