Со снимки од украсената некогашна „Стоковна куќа – Скопје“ и улиците околу неа, започнува прилогот снимен на 31.12.1966 година, само неколку часа пред дочекот на новата 1967 година.
Во самото видео можете да погледнете како изгледал нашиот главен град за време на новогодишните празници и како тогаш изгледал еден новинарски прилог од новогодишниот дневник на Радио-телевизија Скопје.
На видеото се гледа како скопјани се подготвуваат за пречекот на Нова година, а возбудениот репортер Ристе Таваганов ја пренесува атмосферата во градот и разговара со Дедо Мраз.
Дедо Мраз пак изгледа токму онака како што ни раскажувале нашите баби, со лошо сошиена брада од платно, но со најубави желби за најмалите кои како што вели не пиеле доволно млеко таа година.