Сите луѓе си ветуваат дека ќе променат нешто во нивниот живот на почетокот од годината. Си ветуваат дека ќе бидат подобри личности, дека ќе водат поздрав начин на живот, дека ќе се откажат од пороците, дека ќе читаат повеќе, дека ќе патуваат…
Но, за мајките на мали деца, реализирањето на таквите резолуции е речиси невозможно. Нивните обврски се пребројни за да можат да си посветат време себеси.
Жена апелира мајките на мали деца да ги намалат сопствените очекувања, да бидат понежни кон себеси и да прифатат дека некои години не се за поставување рекорди и тежнеење кон совршенство, туку за преживување.
Текстот на Елиза Морил брзо стана хит на социјалните мрежи.
Ете сме повторно – започнува нова година. Мојот „ѕид“ е преполн со позитивни манифестации за следното патување околу сонцето. Резолуции за трчање на полу-маратон. За почесто готвење вечера. За поредовни тренинзи. За читање.
Во повеќето години и јас сум таму, со нив. Во мојот ум, составив километарска листа со сите нешта што се надевам дека ќе ги постигнам во следната година. Верзии од најдобрата јас. Навики кои ќе ме направат подобра мајка, подобра сопруга и пофит за овие тесни фармерки.
Но, оваа година, се откажувам од сè.
Не можам.
Имам многу мали деца со многу големи потреби. Заглавена сум меѓу пребирливи јадачи, валкани пелени, тантруми, здравствени проблеми и постојано приготвување вечери.
Ова не е моја година за да трчам маратони. Ова не е моја година за да пијам 7 литри вода дневно или да правам здрави домашно приготвени оброци секоја вечер… Ова е моја година за да преживеам.
За мене ова е година за да спијам кога ќе можам. Да бидам нежна кон себе, секогаш. Да се помирам со нередот.
Мислам, дека како мајки, ние самите си создаваме преголем притисок, без разлика дали го сфаќаме тоа или не. Малите несовршености преку денот си ги изедначуваме со нашите недостатоци. Неуреден дом? Треба да чистам повеќе. Нема чисти чорапи? Заостанувам со перење. Децата се немирни на училиште? Пречесто им дозволувам да гледаат „Frozen“.
Треба да престанеме. Јас треба да престанам.
Ваква е реалноста: во моментов, на моите деца не им треба мајка која изгледа добро во хеланки. Или мајка која прави индивидуализирани десерти за сите деца во одделението. Ним им треба мајка која дава сè од себе за да ги сака многу, со сите нивни несовршености.
Па, оваа година, ако имате потреба од тоа, бидете нежни кон себе. Некои години не се наменети за рушење рекорди. Некои години се наменети за преживување.