Македонијалек: Граѓаните да бидат спокојни, вакцините се со врвен квалитет

ИЗВОРТелма
|

По информациите кои се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок, компанија „Mакедонија Лек“, која е увозник и дистрибутер на МРП вакцините, изврши внатрешна контрола. Контролата покажала дека вакцините од марката „Priorix“,се со важечки рок и сигурни за користење соопштуваат од компанијата.

При контролата, откриена била, како што велат, помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018.

Компанијата „Македонија лек“ им порачува на граѓаните да бидат спокојни и им се извинува за овој пропуст. Во меѓувреме, нема регистрирано нови случаи на морбили, а во гранинките се примаат само вкацинирани деца.

Со свој став излезе и Здружението на педијатри на Република Македонија кое ги поддржува сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината, се вели во соопштението испратено од претседателката на ова здружение, проф. д-р Аспазија Софијанова.

Како што истакнува Софијанова, повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на, како што се вели, и така намалениот колективен имунитет.
„Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни“, стои во соопштението.


Се додава и дека важноста на педијатарот во имунизацијата е исклучителна и единствена, бидејќи тој е компетентен во проценувањето на здравствената состојба на детето и е одговорен за навремено информирање на родителите во однос на здравствената заштита на детето и имунизацијата.
„Со вакцинирањето се спречуваат несакани грижи за здравјето на децата, а вакцините се безбедни и квалитетни“, наведува Софијанова во име на Здружението на педијатри на Република Македонија.