Во екот на епидемијата на морбили, информацијата за нови заболени во Скопје и кампањата за вакцинација од страна на здравствените власти за да не се прошири заразата, на социјалните мрежи беше споделена кутија од вакцината МРП со декларација на која рокот за траење беше застарен – до октомври 2018 година. Реагирајќи на тоа, министерот за здравство Венко Филипче порача дека еден отсто од вкупното количество вакцини имаат декларации со прикажан истечен рок, иако реално имаат рок до мај, односно до јули 2019 година. Според објаснувањето, станува збор за 61 вакцина со утврдена техничка грешка од страна на компанијата увозник „Македонија лек“. Кутиите се најдени во здравствениот дом „ Железничар“ во Скопје и во домови во Демир Хисар, Велес и во Свети Николе. Министерството за настанатиот проблем ја добило информацијата преку секторот за информирање, односно преку фотографијата која беше споделена на социјалните мрежи, а не од здравствените домови или од дистрибутерот. Поради тоа проверка ќе се прави во останатите вакцинални пунктови во земјава и во компанијата увозник „Македонија лек“, а се разгледува и можноста да ѝ се одземе дозволата на компанијата.
„Станува збор за декларации на кои има постар датум од она што е вистинскиот рок, кој е наведен како на кутијата така и на самата вакцина. Како Министерство за здравство одговараме за квалитетот на вакцините, за критериумите на нивната набавка и стоиме зад тоа. Ја разгледуваме и можноста за евентуално одземање на дозволата за работа на компанијата, поради тоа што ова го сметаме за многу сериозен пропуст. Во текот на следните денови ќе ја разгледаме оваа опција. Многу сериозно го разгледуваме прашањето од сите аспекти. Вакцините што се влезени од оваа серија се проверени од инспектори на МАЛМЕД и од претставници на Министерството при влез во земјата, а тогаш немаат декларација. Понатаму е дадена дозвола за дистрибуција од Агенцијата за лекови и дури тогаш компанијата ги залепила налепниците и ги пуштила вакцините по здравствените домови. Тоа што инициравме контрола во неработни денови само укажува дека крајно сериозно му пристапуваме на прашањето и не сакаме да се создаде дополнителна паника во јавноста, посебно не во овој период на епидемија“, истакна Филипче.
Министерот додаде дека нема да дозволи да се наруши угледот и довербата во здравствениот систем и дека ќе има проверка и во компанијата што ги увезува вакцините, од каде што соопштија дека направиле внатрешна контрола.
Повеќе прочитајте на Независен.мк