Дојдов на Попова Шапка на три дена останав за цел живот: Јас сум најслободниот човек на планетава

ИЗВОРСкопје24
|

Јован Божиновски е момчето кое пред повеќе од 3 години го напушти Тетово, и замина да живее на 1730 метри надморска височина, поточно на преубавата Шар Планина.

Ако сте биле во ресторанот „Конак“ сигурно сте имале прилика да се запознаете со Кенеди, 28- годишното момче кое работи и ужива во сончевите денови или снежната покривка на раскошната шарпланинска убавина. Тој и неговиот другар, алјаскиот маламут Хектор се чувари на природната убавина на една од најубавите планини во земјава. И ако помислите дека е жалосно млад човек да поминува 365 дена на планина, Јован ќе ве убеди токму во спротивното, вели Кенеди во интервју за Женски магазин.

Кенеди е всушност едно позитивно, дружељубиво момче, со големи амбиции.

Вели дека се се случило случајно. Дојдов на 3 дена, а останав 3 години. Едноставно се заљубив во мирот, тишината и моќта на планината. Толкава позитивна енергија немам почувствувано многу долго време. Луѓето кои доаѓаат на планина имаат подруг менталитет од тие во град, и некако се приврзав многу со таа енергија, и не сакам да ја променам, барем не во блиска иднина. И планината сама по себе си е прекрасна, па се заљубувам секој ден одново и одново.

На Кенеди не му недостига градот. Нема ништо интересно, посебно во Тетово – се е исто како што имам оставено. Повеќе би рекол дека ми недостигаат моите внуци и фамилијата, отколку градот.

Јас сум најслободниот човек на планетава и скоро воопшто не се чуствувам затворено на врвот од планината, туку напротив, слободен сум како птица и секој момент го уживам, а не како луѓето во град што секој ден ги прават истите работи и се им е монотоно.