Бескрајниот свет на имагинацијата повторно дојде до израз во делата на уметникот и дизајнер Зоран Кардула. Овојпат тој направи необичен спој. Ги поврза ликовите и сцените од филмската сага „Војна на ѕвездите“ со сагата на бетонските споменици од некогашна Југославија.
Неговите нови дела се објавени на интернет-магазинот „Bored Panda“ и веќе наидоа на бројни позитивни реакции кај читателите и корисниците на социјалните мрежи.
Во плакатите на Кардула ги гледаме ликовите од познатиот филмски серијал сместени во опкружување на спомениците што го славеа минатото на народите во некогашната заедничка држава.
Меѓу бројните споменици, Кардула го употребил и Македониумот од Крушево. Тој е претворен во пилотска кабина која многу наликува на вселенскиот брод „Фалкон“ на ликот Капетан Хан Соло од филмскиот серијал.
За овој свој нов креативен потег Кардула во прилог кон објавата на „Bored Panda“ вели дека е неконвенционален труд што ги поврзува илустрациите од филмот со бруталните споменици на некогашна Југославија.
„Овие споменици секогаш ги замислував како дел од сцените во ‘Војна на ѕвездите’, па дури и верувам дека самите споменици биле инспирација за филмскиот серијал“, вели Кардула.
Целиот серијал од новите креации на Кардула може да се погледне на следниот линк.