Денеска се празнува Обрезание на Господ Исус Христос:„Дојдете луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога…“

ИЗВОРСкопје24
|

Обрезание по тело на Господ наш Исус Христос
УТРЕНА
Тропар, глас 1. Ти, Кој седиш на огнозрачен престол на висините, со Твојот беспочетен Отец и со Божествениот Дух, си благоволил да се родиш на земјата од неискусомажна девојка – Твојата Мајка, Исусе! Поради тоа си бил и обрезан како човек осмодневен. Слава на Твојот себлаг совет; слава на Твоето снисходење, единствен Човекољупче!
Канон. Творба Стефанова. Глас 2.
Песна 1.
Ирмос: Дојдете луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога, Кој го раздели морето и ги преведе луѓето, што ги изведе од ропството египетско, зашто се прослави.
Осмиот ден, кој е слика на идниот век, се просветлува и осветува со Твоето доброволно осиромашување, Христе, зашто во него, според законот, се обреза телесно.
Христос прима обрезание во осмиот ден од Своето раѓање, и денес ја отстранува неговата слика, зарејќи ја светлината на новата благодат.

Во осмиот ден по раѓањето, Божествениот Младенец Го донесоа во храмот и според постоечкиот закон во Израилот, како што беше од времето на Авраама, Го обрезаа. Тогаш Му го дадоа името Исус, онака како што ѝ благовестеше на Пресветата Дева архангелот Гавриил. Старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Обрезанието на Господа покажува дека Он на Себе прими вистинско човечко тело, а не привидно, како што подоцна учеа еретиците. Уште, Господ е обрезан и затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Он Самиот го дал преку Пророците и Праотците. Откако ја исполни таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос ја замени со Крштението. „Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила ниту необрезанието, туку новата твар“ (Гал. 6, 15), објавува апостолот. Во црковната богослужба овој Господов празник нема ни претпразненство ниту попразненство.

Свети Василиј Велики, архиепископ Кесаријски
Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен, петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа свети Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокијска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики потполно заслужено. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата – апологетски, богословски, подвижнички и канонски, како и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината: во неделите на Великиот Пост, на денот на свети Василиј, наспроти Божик и Богојавление, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.

Светиот маченик Телемах
Светиот Телемах беше отшелник – монах. Дојде во Рим за прославата на Рождеството Христово. Во тоа време во Римската империја сè уште постоеја гладијаторски борби кои беа голема забава за гледачите. Телемах се разгоре со духот против тоа беззаконие, та влезе во гладијаторската арена на сред борба и им викна на гладијаторите да ја прекинат борбата. Еден од гладијаторите го удри со мечот светителот и тој падна долу, но повторно стана и повторно им заповеда на гладијаторите да ја прекинат борбата. Тогаш другиот гладијатор го прободе Телемах со мечот во стомакот, и тој, откако по третпат извика да ја прекинат борбата, падна на земјата и умре облеан со крв. Сите што тоа го гледаа замолкнаа и го напуштија Колосеумот. Тоа се случи на 1 јануари 404 година, и тоа беше последната гладијаторска борба во империјата, бидејќи три дена подоцна императорот издаде указ со кој се забрануваат сите гладијаторските борби.