Максим Чаушевски има девет години и учи во „Љубен Лапе“ во Аеродром. Ова дете црта од тригодишна возраст, а кога неговите родители го однеле во ликовно студио, им било кажано дека тој црта како што цртаат децата од деветто одделение. Максим има многу интереси и љубови, а една од нив е да црта како големиот Леонардо да Винчи.
– Интерес за цртање Максим пројави на тригодишна возраст. Забележавме дека кога црта е мирен и дека преку цртањето најдобро се изразува. Ако нацрта светол, разигран цртеж, тоа значи дека е добро расположен. Ако цртежот е темен, во темни бои, тогаш е нерасположен. Никој дома не работи со него, освен што еднаш во неделата оди на цртање кај уметникот Тони Шулајковски, и тоа оди за да го развива талентот. Татко му е архитект, па и тој кога бил дете цртал многу убаво. Исто така, и баба му е архитект, неговиот дедо е уметник, а и моите сестри цртаа убаво, но не го развиваа талентот. Така што, не е чудо генетиката да си ја одиграла својата улога во случајот со Максим – вели мајка му Александра.
Таа додава дека Максим е емотивно дете, многу е правичен и секаде бара правда. Понекогаш непотребно се оптоварува со ситници. Инаку е весело и разиграно дете, има ведар дух и динамичен темперамент, брзо се лути, но и брзо простува. Го воспитуваме добро да се однесува. Да внимава на хигиената, и личната и на онаа во околината, да им помага на луѓето, да истражува. Најважно при воспитувањето е да биде добро дете, да умее да препознава добро и лошо, да внимава при носењето одлуки, да биде среќен и искрен прво кон себеси, а потоа и кон другите.
Максим вели дека освен што сака да црта, обожава и да скија, и тоа по стрмни ски-терени, сака тенис, пливање, но ја сака и историјата и се интересира за древните цивилизации.
– Ги сакам игрите со другарите. Најдобри ми се Дарио, Павел и Марко. Кога надвор е топло, играме брканица, криенка или фудбал, а кога студи, одиме на различни спортски активности. Ако имаме време, играме „Фортнајт“ на компјутер. Кога се враќам од училиште, одам на тенис или на цртање, зависно што имам дента по распоред, а се дружам и со моето помало братче Андон. Во саботите со мама и тато гледаме добар филм на ДВД, или, пак, одиме на кино, а во недела одиме во црква. Сакам и да јадам шпагети со болоњезе сос или хамбургер, како и моите другари – раскажува Максим.
Целата приказна прочитајте ја на Деца.мк