И натаму нема официјална потврда за наоѓањето на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала кој завчера се качи во авион од Нант до Кардиф, но истиот исчезнал од радарот над англискиот канал кој ги поврзува Франција и Англија.
Потрагата вчера заврши без успех, а синоќа биле најдени некои делови во водата на каналот, меѓутоа немаше потврда дали се од авионот, иако властите истакнаа дека голема е веројатноста да се од авионот во кој се превезувале фудбалерот и пилотот.
Англискиот „Дејли Mејл“ излезе со информација дека Сала пред кобниот лет им пратил аудио порака на своите другари: „Се чувствувам многу уморно. Бев во Нант и правев многу работи, и работи, и работи… Сега одам во Кардиф со авион кој ми се чини дека ќе се сруши секој момент. Утре ќе тренирам со нови соиграчи. Ако не ви се јавам за еден час и половина, не знам дали ќе испратат некого да ме бара… Се плашам“ , наводно им кажал Сала на своите пријатели а во позадина се слушале моторите на авионот.
Истиот медиум пренесува дека се случиле турбуленции за време на летот на Сала до Нант каде што заминал да се збогува од своите соиграчи со кои настапуваше во Франција. Од таму летнал за Кардиф каде што му се губи секаква трага. Потрагата продолжи утринава.