Во еден ваков снежен ден точно пред 38 години во Прилеп се роди нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Денешниот ден претставува вистинска среќа, но веќе дванаесетта година по ред тој не е со своите најблиски за да го прослави својот најсреќен ден, па токму тоа го прави да биде и еден од најтажните денови.
Неговата сестра која пред 38 години како мало девојче го чекала штркот на терасата за да го донесе нејзиното сакано братче, денеска со тага ја сподели роденденската торта на која има нацртано детелина со четири листа – бидејќи тој беше нејзината среќа.
И неговите пријатели и колеги од естрадата се потсетија на него и на убавото време поминато заедно, но актерката Весна Петрушевска – Бејби која беше навистина блиска со него, на најоригинален начин го направи тоа.
Таа на социјалните мрежи сподели видео од нејзината свадба на кое Тоше пее и се весели заедно со невестата. Како што само тој знаеше и умееше, со љубов и среќа ја гушка и и постакува среќен брак. Весна вели дека 16 години ја нема видено снимката, но дека има 45 минутен материјал кој никогаш нема да го објави, бидејќи и е тешко.
Во една прилика Весна има изјавено и дека токму Тоше бил тој кој ја предупредувал на грешката која што можеби ја прави во бракот, а за која години подоцна сфатила дека бил во право. Со тешки мисли тој прокоментирал дека можеби луѓето, како јавни личности, ги гледат како готов производ и дека никогаш не можат да бидат сигурни дека навистина ги сакаат, нив како луѓе, какви што навистина се.
Имено, Тоше последното интервју во својот живот го имаше токму во емисијата „Вртелешка“ на Весна Бејби, за кое таа вели дека и е најтешкото нешто на кое што се сеќава.
Видеото можете да го погледнете ТУКА.
Автор: Наталија Јосифоска