Кој е Хуан Гуаидо, човекот што се прогласи за претседател на Венецуела?

ИЗВОРСкопје24
|

Хуан Гуаидо во средата се прогласи за претседател на Венецуела, во што го поддржаа дел од светските лидери и голем број демонстранти низ земјата. Но кој е тој, која е неговата политичка историја?

35-годишниот Гуаидо, лидер на опозицијата и во краток период претседател на народното собрание, почна пуч против претседателот Николас Мадуро,

Тој го нарече Мадуро узурпатор, вети преодна влада и слободни избори за легитимно да се стави крај на социјалистичкиот режим на Мадуро, пишува Си-ен-ен.

Гуаидо израснал во крајбрежниот град Ла Гуаира, во кој се наоѓаат некои од најголемите аеродроми и пристаништа во земјата.

Студирал индустриско инженерство на универзитетот Католика Андрес Бело во Каракас, продолжил со усовршување и дипломирал во областа на јавната управа.

Гуаидо и неговото семејство го преживеаја катастрофалниот одрон во 1999 година во кој загинаа илјадници луѓе и беа уништени илјадници куќи во Ла Гуаира.

Гуаидо се вклучил во политичките случувања за време на студиите. Тој протестирал против тогашниот претседател Хуго Чавез поради цензурата на медиумите.

Неколку години подоцна, во 2009, тој со други истомисленици ја формира партијата Волунтад популар. Соработувал со Леополд Лопез, едно од најпознатите имиња на опозицијата.

Мисијата на партијата била да ја победи сиромаштијата и да обезбеди демократија во која сите граѓани на Венецуела ќе имаат исти права.

Лопез, кој сега е во домашен притвор, со години му бил политички ментор на Хуан Гаидо.

Младиот Гаидо на 5 јануари годинава беше именуван за претседател на собранието во кое учествува од 2011 година.

Тој беше меѓу неколкуте пратеници кои штрајкуваа со глад барајќи парламентарни избори во 2015 година и беше релативно непознат сѐ до изборот за претседател на Народното собрание, законодавниот дом на Венецуела.

Хуан Гаидо накратко беше уапсен од властите при учество на политички собир, неколку дена откако порача дека е спремен да го замени Мадуро.

Во средата Гуаидо се прогласи за привремен претседател на Венецуела. Притоа кажа дека уставот му дозволува привремено да се прогласи за претседател бидејќи ја смета власта на Мадуро за нелегитимна.

Се обврза да ја предводи привремената, транзициска влада и да одржи слободни избори.

Американскиот претседател Доналд Трамп го призна Гуаидо за претседател неколку минути по неговото самопрогласување, а им советуваше на другите земји да го следат неговиот пример.

Седум јужноамерикански држави и Канада и Британија му се придружија на Трамп, додека, на пример, Русија, Кина, Турција, Иран и Куба остануваат покрај Николас Мадуро.