Скопскиот аеродром од 22:45 часот беше затворен за сообраќај, откако воздухоплов на компанијата „Германија“ тип Ербас 321 со околу 200 патници, пред полетување за Цирих заглавил во нанос од снег.
Како што информираше претседателот на Управниот одбор и директор во МНА-В Николче Тасески за МИА, во моментов е завршена операцијата за одглавување на воздухопловот со помош на возила за push back од ТАВ.
-Во воздухопловот нема повредени патници и физички оштетувања на истиот. Компанијата го откажала летот и се очекува да биде реализиран во текот на денешниот ден, истакна Тасески.
Исто така Општина Сопиште е отсечена од Скопје по обилните врнежи на снег, поради кој жителите не можат да се движат кон градот. Автобусите не одат кон Сопиште, Св. Петка, Добри Дол и Соње заради тоа што не е исчистен патот од Припор кон овие места.
Покрај снегот, пријавен е и дефект на двете возила за расчистување на снегот кои ги има општината Кисела Вода а со кои инаку се расчистува патот.
Јавниот превоз сообраќа само до новиот кружен тек односно до стара последна станица на 24.-ка.
Инаку, повеќе од еден метар снег е измерен утрово на Попова Шапка. Во Маврови Анови се измерени 83 сантиметри, 58 во Пожаране, 52 во Крушево, 51 во Лазарополе, 32 во Тетово, 31 Скопје – Петровец, 28 во Ѓуриште, 24 Демир Капија, 22 во Дебар, 20 Битола, 15 Скопје – Зајчев Рид, 11 во Охрид, 10 во Крива Паланка, Прилеп, Струмица, Куманово, 9 во Штип, Претор, 5 Виница, 2 Берово, 1 Дојран.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, најстудено утрово било во Маврово и Попова Шапка каде се измерени – 8 степени целзиусови. Во Скопје утрово се измерени -3 степени, а најтопло било во Гевгелија, Берово и Дојран наде температурата била 0 степени.