Фолк пејачот Момо Николоски води битка со тешка болест – р*к на желудник, и му се потребни средства за лекување во странство. Апелот за помош на социјалните мрежи вчера прв го објави неговиот соработник и пријател, композиторот Сашо Ливрински, и веднаш се прошири помеѓу неговите колеги и пошироката јавност.
Околу тоа, што точно се случува со Николоски, и за какво лекување станува збор, „Фокус“ разговараше со неговата сопруга, Валбурга Батева Николоска.
-Момо има ра* на желудник, направена е операција, но за жал после отворањето на абдоменот се доаѓа до лош наод, ра* со абдоминални метастази. Докторите предлагаат хемотерапија и се друго што може да го понудат понапредни болници во Берлин и Истанбул. Чекаме уште два битни резултати од биопсиите, но времето работи против нас, па се лекуваме и со скапи алтернативни методи. Сумите кои ни ги бараат се движат од 10.000 евра до недостижни плафони. Се наоѓаме во хаотичен период со испланирани секунди во текот на секој ден, а луѓе постојано пишуваат и се јавуваат да дадат морална поддршка, за што сме многу благодарни. За жал, во овој момент не ни даваат мобилни опции за помош, бидејќи во формуларите се бара потврда од странска болница дека таму ќе се оперира и фактура со точниот износ на операцијата. Ние такви податоци не можеме да обезбедиме, затоа што методите можеби и нема да вклучат операција, туку ласерски пристапи или матични клетки – вели Валбурга.
Валбурга, која е текстописец и Момо се во брак околу 11 години. За двајцата ова е втор брак, а за нивната љубов и слога често пати раскажуваа во медиумите.
-Целиот брак нам ни е како меден месец. И двајцата влеговме во овој брак како зрели и изградени личности кои знаат што сакаат и ги насочуваат своите приоритети кон семејните вредности, сплотени како едно, но сепак ги задржавме својата индивидуалност, различните афинитети и креативноста. Љубовта ни е движечката сила која не води напред и со која што ги надминуваме сите пречки кои што ги има во секое семејство. Дури мислам дека во овие зрели години љубовта ни е поцврста, неоптоварена со лични суети – ни изјави Валбурга пред неколку години.
Вчера пак, на својот Фејсбук профил, таа му порача на Момо да продолжи да танцува со неа низ животот и да ја победи болеста.
-Ова е мојата љубов. Човекот на мојот живот. Моето вечно момче и мојата рајска музика во срцето. Цел живот со неговата песна развеселуваше, но и безброј пати помагаше на луѓе кои беа соочени со животни предизвици. Сега е неговиот ред. Сега е нашиот ред. Ни треба помош, оти звуците на љубовта не смеат да згаснат, сега, кога најмногу си требаме еден на друг. Не сакам да го дадам, нема да го дадам! Неговата топла душа е моето скришно, безбедно место, таму не живее темнината, таму има доволно светлина за сто животи и уште еден. Секогаш бев тука за вас и вие за мене. Барајте ме, вие кои знаете колку го љубам, но и вие другите, кои сакаат некого и некој ве сака. Овој филм мора да заврши со среќен крај, со ваша и Божја помош, а во моја режија. Мече мое, судбино моја, продолжи да танцуваш со мене! Јас, ти и музиката…ТЕ САКАМ – напиша таа.
Николоски е дел од фолк естрадата со децении наназад. „Биљана”, „Невернице”, „Даница”, „Биди со мене”, ,,Само осамените” и многу други песни се само дел од неговата долгогодишна музичка кариера. Во април 2015 година тој направи голем солистички концерт во Домот на АРМ за кој долго се прикажуваше. Гости му беа Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Владо Дојчиновски, Виолета Томовска, Бубо Каров, Дарко Нешовски, Влатко Илиевски, групите Чардаш, Македонија и Академци.
-Ова не беше класичен концерт, туку мјузикл – изјави тогаш Петрушевски.
И останатите колеги на музичарот секогаш го опишувале како личност на која музиката и е голема пасија, и секогаш пее со голема љубов и од срце.
Сите кои се во можност, можат да донираат на сметката 300 007032927321 Комерцијална банка, на име Момир Николоски.