Фиќо вредно милион долари: Забележано како се искачува кон Пелистер на екстремни услови (Фото)

ИЗВОРСкопје24
|

Снежните врнежи изминатите денови ги претворија зимските центри и националните паркови во прекрасни пејсажи.

Викендов вриеше од народ на Пелистер, Маврово, Крушево, Попова Шапка, Пониква… И ова црвено фиќо било забележано како ита кон ски стазите на Пелистер.

Не знаеме дали искачило до највисоката точка, но познавајќи ја “инаетливоста” на ова количе, големи се шансите да успеало. Секоја чест и за шоферот!

Легендарниот југословенски автомобил Fiat 600 односно Фичо, за прв пат излезе од погоните на 18 октомври 1955 година. Неговото производство траеше точно три децении, во кои успеа да стане симбол на едно време, а поранешната фабрика за оружје во Крагуевац, во тие 30 години произведе 923.487 примероци во сите девет верзии.

Заедно со матичната земја Италија, како и со Аргентина, Австрија и Шпанија, кои исто како и Југославија, ја имаа лиценцата за овој автомобил, произведени се повеќе од 2.6 милиони Fiat 600 модели. Во периодот на најголемата популарност „Фичо“ беше третиот најпродаван автомобил во Европа, по Volkswagen „Буба“ и Citroen CV кој беше познат како „Спачек“.

Иако од 18 октомври 1985 година, малото „Фичо“ повеќе не се произведува, неговата популарност е се уште голема, па редовно се случуваат собири на сопствениците и обожавателите на ова возило.

Со оглед на староста, овие автомобили влегуваат во групата на олдтајмери, но се уште можат да се видат на патиштата. Тие постојано можат да се најдат и во огласите, а се продаваат за цени од неколку стотини, па се до неколку илјади евра во зависност од состојбата и вложувањата за репарација.