Сметководителите се против нов Закон изготвен без нивна вклученост

ИЗВОРСкопје24
|

Сметководителите се соочуваат со бројни предизвици, а Mинистерството за финансии им крои нов Закон без консултации покрај ветувањата дека нема да се носат избрзани законски решенија без да се консултираат релевантните засегнати страни.

Комората на сметководители здружено со регионалните организации на сметководители, денес ги истакна барањата кои беа доставувани во изминатата година до ресорното министерство, кои опфаќаат:

-Овозможување на поголема заштита на сметководителите со имплементација на легислативата која е веќе донесена и заштитата која таа им ја навестува но не ја обезбедува бидејќи не се практикува

-Справување со сивата економија во секторот преку механизмите кои како предлози се доставени до надлежните органи

-Да се заштити потписот на сметководителите со оневозможување неквалификувани и нестручни лица кои не се носители на уверение за сметководител да поднесуваат завршни сметки

-Да им се овозможи минимална цена за работата како и да им се овозможи наплата на останатите услуги, како би можеле соодветно да се платени за работните часови кои ги вложуваат

-Да не се воведуваат испити или дополнително да се оптоваруваат сметководителите се додека не им се дадат правата од законот во сила кои се соодветни на нивните обврски , да можат соодветно да си ги наплатат услугите

-И финално да се одблокира работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители кој во изминатата година не беше во можност да ги извршува своите активности и обврски и да обезбеди соодветна заштита на своите членови за што и има големо незадоволство во професијата.

Наметнување на неиздржани законски решенија кои никој не ги поддржува и никој релевантен не бил вклучен во кроењето на судбината на лицата кои работат во оваа професија, може да генерира само уште поголем отпор кај релевантните чинители и да ја успори економијата особено бидејки сметководителите потребно е да бидат еднакви партнери во креирањето и спроведувањето на даночните политики, како нивна иницијална професионална определба.

Драган Митковски, претседател
Комора на сметководители на Македонија