Со голема почит: Споменик на Горан Стефановски ќе биде подигнат во Дебар Маало

ИЗВОРСкопје24
|

Општина Центар ќе подигне споменик на македонскиот драматург Горан Стефановски во Дебар Маало. Иницијативата за споменикот ја поднеле од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

„Советниците на Општина Центар ја усвоија иницијативата на Македонската академија на науки и уметностите за поставување на спомен обележје на драмскиот писател и член на МАНУ надвор од работниот состав, Горан Стефановски. Спомен обележјето на Стефановски ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“, соопштија од Општина Центар.

Горан Стефановски не напушти во ноември минатата година на возраст од 66 години, по кратко, но тешко боледување. Последните години од својот живот ги помина во Англија, во близина на Лондон.

Горан Стефановски е еден од најплодните и најпознати драмски автори, не само во Македонија, туку и пошироко во регинот. Неговите незаборавни драмски текстови се играат на сцени и низ Европа. Зад него остануваат антологиските „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Дупло дно“, „Лет во место“ и многу други.

Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, а дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје. Тој магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Тој бил член е на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писатели на Македонија од 1979, а од 2004 и член на МАНУ.

Од овие негови дела често пати се повторуваат култните цитати кои ја отсликуваат сржта на животот, човештината и нашите простори. Во негова чест, споделуваме дел од нив:

“Кога ништо не е в ред, а не се крева ниту малиот прст ситуацијата за се подобри… и во тоа се бара дури и некакво задоволство. Ужас. И на овој Балкан никогаш ништо не одело како што треба. Дваесет илјади години наназад. И кога во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно.” (Диво Месо)

„Иљо: Не сакам да те навредам, но морам да кажам. Ти си бивш човек. Ти си најдобар човек на светот, но ти си бивш човек. Тоа не е критика. Тоа е факт. До овде ми е од бивши луѓе. Бивши држави. Бивши љубовници. Бивши адреси, телефонски броеви. Бивши пасоши, лични карти, сведителства, изводи од матично. Бившо турско, бившо каурско, прво спрско, второ бугарско, Тито-Партија, стабилизација, Меѓундароден монетарен фонд. Вака било, онака било. Кој знае како било? Онаму имало офицерски дом, онаму банки, сите живееле сложно и весело и се држеле за раце и играле оро и пееле песни. Што имам јас од тоа? Не сакам бивша иднина. Што ме боли мене за вашата жал за младост. (Демонот од Дебар Маало)

“Јаков: Затоа што сум жив. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе.” („Дупло дно“)

„Анастазија: Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно” (Жив човек)

„Цибра: Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ (Тетовирани души)

„Киро: Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ (Лет во место)

„Никола: А што значи самоубиство? Нас не повика татковината. Јас зедов пушката и тргнав. Како и татко ми пред мене. Имам вера во Бога. Имам вера во власта.“ (Екс-ју)

„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо)

„Јаков: Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот.“(Дупло Дно)

„Димитрија: Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата…“ (Диво Месо)

„Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.“ (Конзервирани импресии)

„Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај да бидеме она што претпоставуваме дека сме.“ (Конзервирани импресии)

„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.“ (Приказни од дивиот Исток)