Граѓаните ќе ги добијат парите од повратот на ДДВ на крајот на секоја година, информира директорката на Управата за јaвни приходи Сања Лукаревска.
– Веќе одреден период се подготвува електронскиот систем преку којшто ќе се овозможи прецизна пресметка и навремен поврат на парите кај граѓаните. Граѓаните на крајот на годината ќе добијат дел од парите коишто ги трошеле во текот на годината, но истовремено и ќе станат партнери на Управата за јавни приходи во контролите за спроведувањето на даночна дисциплина, посебно кај тие кои сега ја избегнуваат. Убедена сум дека на овој начин ќе се зголеми и издавањето на фискални сметки – вели Лукаревска во интервју за порталот Фактор.
Владата пред некое време изјави дека започнати се подготовките, со што кон средината на годината да биде воведена мерката за поврат на 15 отсто Данок на додадена вредност за физички лица.
Оваа мерка на крајот на секоја година ќе обезбеди дополнителен приход во секое семејство, ќе ја засили куповната моќ и позитивно ќе вилјае врз зголемување на потрошувачката, изјавија од Владата тогаш.