Грчкиот професор Сфетас: Грчките ученици мислат дека Тито ви го измислил името Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања ќе ја менува историјата и ќе ги чисти страниците на македонските историски книги од иредентизам. Од македонска страна, во комисијата се Виктор Габер и професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.

Од грчка страна за корените на Македонија, односно Северна Македонија, ќе одлучуваат професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа, Николаос Заикос, Александра Јоаниду и Ефтимиос Харлавтис.

Во интервјуто за Дојче Веле, професорот Сфетас, кој го поддржува Преспанскиот договор, индиректно најави во која насока ќе се движат измените во потеклото на „аморфната маса со флуиден карактер“, како што тој нѐ нарекува нас, Македонците.

Сфетас во интервјуто вели: „Кога Словените дошле на територијата на географска Македонија се идентификувале како Македонци. Тоа е смешно!“.

ЗИКЕ ќе работи според грчки историски извори, најави Сфетас, бидејќи тие биле најрелевантни и како што вели Сфетас во интервјуто, ќе подвлекува линија на раздвојување меѓу Словените и Грците во однос на името Македонија. Тие ќе го затвораат поглавјето „антика“ затоа што не припаѓало на историското наследство на другата страна.

Професорот Сфетас призна дека грчките ученици никогаш не учеле за Македонија и дека тие нас не не познаваат како соседи.

-Ние вас досега никогаш не сме ве откриле. Тоа значи дека еден грчки ученик воопшто не знае дека постоела држава Југославија. Истото важи и за Северна Македонија. Сега мораме нешто да внесеме… кои се вашите луѓе, каква е историјата на тој регион, кои се клучните точки, како настанува македонското национално чувство.

Според Сфетас, грчките ученици имаат впечаток дека Тито го измислил името Македонија за да создаде база за да го анектира грчкиот дел на Македонија по граѓанските војни. Тој уште вели и дека за македонската нација се залагале комунистите и дека Македонизмот е резултат на српско-бугарскиот антагонизам.

На крај, професорот Спиридон Сфетас, го пренесе решението на дилемата која не ни беше претставена целосно, или пак ни беше претставувана во завиена форма:

– Ние притоа не признаваме македонска нација. Договорот го регулира државјанството, а не националната припадност. Преспанскиот договор е во корист на Грција. Ние тука не правиме ништо, ни објасни професорот откривајќи ги работите кои Зоран Заев и Никола Димитров не ги кажаа отворено на македонскиот народ.