Народната банка со оглед на комплексноста на постапката треба да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност, а првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 година.
Потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од пет години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.
Граѓаните ќе добијат нови регистарски таблици со ознака NMK, а додека почне нивната изработка, преодно решение ќе биде налепница NMK која ќе се лепи на постоечките таблици. Исто така на постоечкит пасоши ќе биде ставен печат со кој ќе биде означено дека се пасоши на Република Северна Македонија, а нови пасоши со новото име ќе почнат да се издаваат кон крајот на годинава.
„Министерството за внатрешни работи да започне со издавање на нови регистерски таблички, во рок од 4 месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака „NMK” за регистерските таблички на возилата.
Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање на нови патни исправи. Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019г.
Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.“, соопштуваат од Владата.