Болен и немоќен штипјанец сам се бори со животот, помош од страна нема

ИЗВОРСкопје24
|

Собичето од едвај четири квадрати животен простор е целиот свет на штипјанецот Злате Филипов. Претрупано со остатоци од дрвени деланки за како така да не се смрзнува, со години не е исчистено. Филипов долго време живее сам. За инвалидскиот пензионер секој ден е буквално борба за живот, пренесува Тв Стар.

„Цел ден сум дома: не излегувам никаде, не можам да одам бидејќи левата нога ми е отечена и имам големи болки кога стојам или одам. Единствен пријател ми е телевизорот. Навечер до 21 часот гледам тв, па потем да заштедам на дрва си легнувам. Секое утро станувам во шест. Со помош на бастунот едвам станувам, од креветот. Перам на раце, мијам садови кога можам на раце и кога малку сум поарен со здравјето си приготвувам нешто за јадење, Сето тоа го правам во седечка положба , бидејќи не можам да стојам“ објаснува Злате Филипов – инвалдиски пензионер.

Нарушеното здравје на Злате не му дозволува да ги извршува и најосновните дневни потреби…

„Бев на лекар. Тој ми кажа дека имам тромбоза на левата нога. Во последно време исти болки чувствувам и на десната нога. Рацете ме болат. Пред извесно време, минатата есен бев во болница. Имав четири операции, на жолчка, слепо црвео и камен во бубрег. Се тоа извадија од мене, како и операција на левата нога поради тромбоза. Јас сум веќе половина човек, неспособен за ништо без нечија помош“, се пожали Филипов

Вака не се живее дециден е Злате. Вака нема достоинствен пензионерски живот. Минималната пензија, едвам стигнува за подмирување на сметките,а за набавка на храна и оддржување на личната хигиена е потребна помош…

„Затоа, еве преку Тв Стар, ги молам добронамерните штипјани, мои сограгани да ми помогнат. Да дојде некој да ми помогне да ме испере, храна да ми приготви, да ми ја исчисти собата“, посака Филипов

Сепак, 53 годишниот Филипов не потклекнува на суровоста на животот. Упорен е во настојувањето, крпениот живот во неговото куќарче во населбата Баби да го подобри. Надежта дека кога тогаш ќе сврти лист во неговото секојдневие, Злате ја чека на неговиот праг, буквално секој ден…