Словенците им даваат по 250 евра на вработените кои ќе донесат нови работници

ИЗВОРСкопје24
|

Зголемениот број на инвеститори предизвика недостиг на работници во Словенија, па во одредени сектори се нудат парични награди за оние што ќе доведат нова работна сила.

Словенечката економија расте, а се потпира, пред сè, на извозот, кој сочинува 80 отсто од бруто-домашниот производ. Недостигот од кадар, односно заварувачи, еден производител на издувни системи од Чрномељ го решил со стимулација на вработените.

Оној што ќе препорача или ќе доведе нов работник ќе добие 250 евра стимулација. Во последните четири години износот на странските инвестиции во Словенија е зголемен за 4,5 милијарди евра. Тоа најмногу се чувствува во помалите и понеразвиени средини.

Кај Марибор најголемиот произведувач на автоделови, „Магна“, гради фабрика, а во Кочевје и во Логатец инвеститори од Јапонија отвораат фабрика за роботи и медицинска опрема. Тоа се околу илјада нови работни места во земја со само 5 отсто невработени.

Словенечката влада го прифати барањето на левицата минималната плата да биде зголемена на 640 евра. До 2021 година таа ќе изнесува околу 730 евра.

Синдикалците ја поздравуваат оваа одлука, а словенечките работодавци се плашат дека тоа ќе ја намали конкурентноста, па бараат помали даноци. Ако инвеститорите продолжат да вложуваат во Словенија, ќе порасне и животниот стандард, а тоа ќе го почувствуваат и работниците од регионот што одат таму да работат.