Чоколада со сурутка наместо млеко, виршли без месо – дали Македонија е депонија на европската храна?

ИЗВОРСкопје24
|

Знаеме ли каква храна јадеме? Знаеме ли што даваме на нашите деца? Дали квалитетот на истата храна кај нас и во странство е ист? Прашања кои секојдневно им се наметнуваат на потрошувачите.

-Веќе не знаеме што јадеме. А едно знаеме, храната која што ни се нуди не е безбедна, велат потрошувачите, загрижени за своето и за здравјето на своите најблиски.

Чоколада со сурутка наместо млеко, виршли без месо, детска храна со помала количина зеленчук, прашок за перење со помалку активни материи. Ова се само дел од производите кои се продаваат на полиците во Источна Европа и на Балканот, а имаат полош квалитет во споредба со истите брендови кои се нудат на западноевропските потрошувачи.

-Неодамна сопругот ми донесе прашок за алишта од Словенија, а истиот го има и кај нас. Но, само кутијата е иста. Разликата во прашокое беше огромна, вели Милева.

-Патиките кај нас и во Германија не се исти. Имаат ист изглед, но квалитетот е далеку поразличен. Имав неколку пати прилика да се уверам во тоа, раскажува Дарко.

Неколку официјални анализи покажаа дека Хрватите, Словаците, Чесите и Бугарите јадат понеквалитетна храна и користат пошкарт производи од Германците или Французите, а плаќаат иста цена.

За тоа каква е состојбата во Македонија не може да се даде сигурен одговор бидејќи ниту една овластена институција нема направено споредбена анализа на квалитетот на производите што мултунационалните компании ги продаваат тука со оние на западноевропските пазари. Но, неофицијално, и Македонците се наоѓаат во овој кош на потрошувачи од втор ред бидејќи производите кои се продаваат кај нас потекнуваат од истите набавни места како во соседните држави.

Сомневањата одат дотаму, што се смета дека во некои мултинационални фабрики постојат паралелни производни ленти за ист производ за различен пазар.