„Не верувам дека ,,големите” ќе дојдат, но ова се моите прашања до нив“ – мајката на исчезнатото момче излегува на протест

|

Денес со почеток од 16:30 часот пред Собранието во Скопје ќе започне мирниот протест кој го организира мајката на исчезнатото момче, Пино Секундо (26) за кого нема никаква вест повеќе од дваипол месеци.

Маја Трпковска, која е во очајна потрага по нејзиното дете, вели дека протестот е со цел да се сврти вниманието на јавноста не само кон случајот со Пино, туку и кон голем број на случаеви со мистериозни исчезнувања на лица од земјава, околу тоа како институциите ја извршуваат својата работа, но и колку се граѓаните безбедни во својата земја, пишува Фокус.

Додава дека ги повикува сите кои се загрижени поради случувањата, но и оние кои се чувствуваат небезбедно, да и се придружат, а го повикува и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од кого барала одговори.

-Искрено, не верувам дека некој од ,,големите” ќе дојде на протестот, иако мојата покана е отворена за сите кои треба да дадат одговори. Имам повеќе прашања до надлежните служби. Ме интересира дали одговорните знаат како работи и функционира секторот за исчезнати и секторот за криминал со насилство? Дали знаат дека мене, на секој мој повик од таму ми се обраќаат со груб тон, дури и ми ја затвораат телефонската слушалка? Дали тоа е начин на работа својствен во една нормална земја? Би ги прашала надлежните дали знаат како и колку ефикасно работат нашите полицајци? Нема кафеана во која некогаш не седнал некој полициски службеник. Дали народот ги плаќа да се кријат зад грмушки и да пишуваат казни, или да ни гарантираат безбедност и сигурност? Знаат ли дека кога меото дете најмногу требаше да се бара, јас добив одговор дека не работат во сабота и недела, бидејќи славеле Стара Нова година? Дека на првиот инспектор кој беше задолжен за случајот кога му се јавував ми кажа дека работи од 15 часот и ми порача –Не замарај! Дали министерот Оливер Спасовски е запознат со системот, знае ли како овие нешта функционираат во другите земји? Дека најпрвин требаше да се дојде кај нас дома, да се земат компјутерите на Пино, и приватниот и службениот, да се провери собата, да се бараат траги? Ниту дојдоа, ниту пак се јавија… Што се случува во толку мала земја, исчезнувања, корупција, непрофесионален и нечовечки однос кон оние кои имаат мака – прашува Трпковска.

Целиот текст прочитајте го на Фокус ТУКА.