Елегантни со сопругата: Премиерот Заев на оперскиот бал во Виена

ИЗВОРСкопје24
|

Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица синоќа беа дел од традиционалниот оперски бал во Виена. Тие од претседателската ложа ги следеа случувањата на подиумот на Државната опера.
Заеви се на балот како гости на австрискиот канцелар Себастијан Курц. Премиерот Заев е единствениот коj Курц годинава го поканил како негов гостин на престижниот традиционален бал.

Познатиот бал во Виена се одржува речиси 200 години, а во Државната опера обновен е во 1956 година и се се одржува еднаш годишно. Балот е комерцијален настан и билетите се од 315 евра во партерот до околу 2.000 евра во ложите.

По успехот со решавање на спорот со Грција, Република Австрија се надева дека годинава Република Северна Македонија ќе ги започне преговорите со Европската Унија, во тој процес, изјавил канцеларот на Австрија Себастијан Курц на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев во Виена.

Австрија, истакнал Курц, и натаму ќе и ја дава потребната поддршка на Северна Македонија, а средбата со Заев уште еднаш го покажува и го докажува пријателството меѓу двете земји.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, се заблагодарил на канцеларот Курц и на Владата на Австрија за се што направиле за Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан.

– Сега откако почна да се имплементира Договорот од Преспа, се насочуваме целосно кон работа на реформите дома. Постигнатиот договор имаше позитивен импакт врз целиот регион. Со договорот успеавме да покажеме дека со партнерство и дијалог може да се постигне многу, потенцирал премиерот Заев на средбата со канцеларот Курц.

На средбата, како што се наведува во соопштението, Заев истакнал дека членството на Северна Македонија во Европската Унија е единствениот избор.

– По историскиот договор меѓу нашата земја и Грција, време е да им се посветиме на економските прашања во земјата, нагласил Заев и додал дека оваа година сите напори ги насочуваме кон забрзан раст на економијата.