Иако Управниот одбор на „Фолксваген“ сеуште нема донесено конечна одлука каде ќе го изгради новиот производствен погон, извесно е дека тоа ќе биде или Србија или Бугарија, откако вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потврди дека станува збор за шпекулации дека автомобилскиот гигант може да инвестира во фабрика во Македонија.
„ Нема ништо од тоа дека Фолксваген ќе инвестира во Македонија и тие информации се шпекулација…“, изјави Анѓушев за „Дојче веле“.
Во трката да се донесе еден од најголемите автомобилски гиганти, исто така се споменуваат и други земји од Источна Европа, но Бугарија и Србија се споменуваат како најголеми кандидат, иако домаќините се свесни дека ќе се бара исполнување на строги услови.
Основниот услов е доволно стручен кадар за работа во една ваква фабрика? Станува збор за капацитет кој треба да гради околу 300.000 возила годишно, а инвестицијата е “тешка” 1,4 милијарди евра. За тоа се потребни 5.000 стручни работници.
Бидејќи веќе некое време на големо се пишува дека во Македонија се подготвува влез на голема германска инвестиција на „Гересхајмер”, вицепремиерот за економски прашања откри и за што веројатно се работи и рече дека е подобро од „Фолксваген“.
„Мислам и дека е уште подобра од „Фолксваген“ бидејќи е во делот на мехатроничкото производство. Станува збор за компанија во чии процеси работат исклучително високо квалификувани и квалитетни луѓе-инженери. Производството е мехатроничко, во смисла на тоа дека произведуваат роботи, високо автоматизирани машини. Тоа ќе биде фабрика со не многу вработени, некаде околу 300 до 400 луѓе, но со голема додадена вредност и со производи кои што имаат вредност. Тоа е она што нам ни е потребно во моментов во Македонија. Доволно вработувавме луѓе за 200 евра. Ако вработите 5 или 6 илјади луѓе за по 200 евра тие практично се само во чекалница и бараат можност да си го решат проблемот на друго место“, додаде тој.