Рускиот милијардер Андреј Мељниченко (43), кој што е сопруг на српската пејачка Александра, сега е сопственик и на нова јахта чија што должина изнесува 142 метри, со јарболи високи дури 91 метар. Изградбата на најголемата едрилица и воедно најголемата јахта на светот чинела 360 милиони евра.
Фотографиите од нејзиното прво испловување повеќе личат на излегување на некаков воен брод, отколку луксузна јахта. Но, со оваа јахта префиксот “мега” повеќе не е доволен, бидејќи таа дефинитивно може да се опише само како гига-јахта. Кажано кратко и јасно – таа е и повеќе од огромна.
“Sailing Yacht A” е всушност унапредена верзија на претходната “Motor Yacht A” која што чинеше пак повеќе од 260 милиони евра. Неа ја придвижуваат хибриден дизел електричен мотор, има осум ката, подводна опсерваторија и може да прими 20 лица и 54 членови на екипажот. Дизајнирана е од страна на Французинот Филип Старк, а изградена е од страна на германското бродоградилиште “Нобискруг”.
Крстаречката брзина на оваа јахта изнесува 30 километри на час, додека максималната изнесува 38 километри на час.
На оваа јахта буквално сè оддишува со луксуз – постојат неколку простории во кои што доминира кралски сината боја. Лакот пак е претворен во тераса над која што се издига преубава веранда. А бањите подобро и да не ги погледнете – кадите се наоѓаат на средина на просториите и изгледаат како огромни стилизирани чинии. Од друга страна пак, погледот од бањите ве води до непрегледното водено пространство.
Луксузниот ентериер е збогатен со интересни детали, па така подот не е само во обична бела боја, туку по него се исцртани и линии кои што го надополнуваат уникатниот изглед на дневната соба.
Колку за потсетување, Мељниченко од 2005-тата година е оженет со српската пејачка Александра, која што е поранешна членка на групата “Models”.
Неговото богатство се проценува на девет милијарди долари, а “Forbs” го смести на 97-мото место на списокот на најбогатите луѓе на светот. Помеѓу неговите екстравагантни превозни сретства, освен јахтите, е и еден “Boeing 737”.