Коцките ѝ се поклопија на младата српска пејачка Невена Божовиќ. Сношти победи на фестивалот „Беовизија“ во Белград, и нејзината авторска песна „Круна“ ќе ја претставува Србија на „Евросонг“ во Тел Авив во мај, а веќе следниот месец, таа ќе се омажи за црногорскиот пилот Никола Ивановиќ, сопственик на угостителски објект во Будва.
Свадбата на Невена и на Никола е закажана за април, во Будва, во еден од познатите луксузни хотели, пишуваат српските медиуми. Семејствата на Невена и на Никола веќе ги испланирале сите детали за венчавката. Во мај, таа веќе ќе замине на „Евросонг“, а како што изјави сношти по победата, во Израел не оди без својот иден сопруг.
„Ова е мојата кантавторска песна која е со посвета. Ја пеам за Никола и со него ќе одам на „Евровизија“ . „Круна“ е печатот на мојот живот“, изјави сношти пејачката. Автор на аранжманот е македонскиот продуцент Дарко Димиров, кој е дел и од македонскиот евровизиски тим на песната „Proud“ на Тамара Тодевска.
„ Во оваа година, не сакам ништо да менувам. Среќна сум и исполнета и тоа се гледа. Убави настани ми ја одбележаа годината“ , додаде пејачката.
Невена Божовиќ е инаку од Косовска Митровица, а претходно беше на „Евросонг“ со женското трио „Моје три“, во 2013 во Баку, Азербејџан. Има 24 години, кариерата ја започна како победник во шоуто „Првиот глас на Србија“, а учествуваше и на детската „Евровизија“ во 2007 година.