Денеска е спомен на Преподобен Тимотеј во Символи и Свети Евстатиј: Бог на чистите и целомудрите им даде власт над духовите на злобата

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 февруари.

Преподобен Тимотеј во Символи

Пустиник на местото наречено Символи, на азискиот Олимп. Од малечок стапи во манастир, се замонаши и се’ до длабока старост го помина животот во пост, молитва, бдение и непрестаен труд. Остана чист и целомудрен до крајот на животот. А бидејќи на чистите и целомудрените Бог им дава власт над духовите на злобата, му даде и на Тимотеј. Трудејќи се околу својата душа, Тимотеј успеа да Му изгради прекрасен храм на Светиот Дух во себеси. Овој свет човек се упокои во 795 година.

Свети Евстатиј, архиепископ Антиохијски

Голем ревнител и заштитник на Православието. Како таков особено се истакна на Првиот Вселенски Собор, каде што мудро и разумно го поби учењето на Ариј. Заедно со останатите Свети отци Евстатиј правилно исповедаше дека според Божествената суштина Исус Христос, како Син Божји, е еднаков на Отецот и на Светиот Дух. После смртта на светиот цар Константин, ариевците повторно некако надвладејаа и почнаа немилосрдно да го гонат Православието. Свети Евстатиј беше симнат од неговиот престол и протеран, најпрво во Тракија, а потоа во Македонија. Многу и долго страдаше, додека најпосле не Му ја предаде својата света душа на Бога, во 345 година.

Свети Јован III Схоластик, патријарх Цариградски

Како правозастапник најпрво беше ракоположен за свештеник, а потоа за патријарх во 565 година. Напиша канони кои влегоа во Номоканонот. Во негово време во литургијата е внесена „Иже херувими“, а исто така и „На Твојата Тајна Вечера“. Се упокои мирно, во 577 година.

Свети Захариј, патријарх Јерусалимски

Во времето на византискиот цар Ираклиј, во 614 година, персискиот цар Хозрој го нападна Јерусалим, го ограби градот, го однесе Чесниот Крст во Персија и одведе во ропство огромен број христијани, меѓу нив и патријархот Захариј. Евреите му помагаа да врши зло над христијаните. Меѓу другите еврејски злосторства се памети и ова: Евреите откупија од Хозрој деведесет илјади христијани и како свои робови ги убија. Стариот патријарх остана во ропство четиринаесет години. А од Чесниот Крст во Персија се пројавија многубројни чуда, така што Персијанците велеа: „Христијанскиот Бог дојде во Персија“. Подоцна, Ираклиј го принуди персискиот цар да ги врати Чесниот Крст, патријархот и останатите робови во Јерусалим. Самиот цар Ираклиј го внесе Чесниот Крст на своите плеќи во Светиот град. Останатите денови од животот свети Захариј ги помина во мир, и се пресели кај Господ во 631 година. На престолот го замени патријархот Модест, после кого патријархуваше свети Софрониј (11 март).