Наместо во Солун или во Софија, последните неколку месеци хит за пазарење се Врање и Урошевац. Оние што биле велат дека за евтини пари може да се обнови гардеробата со популарни марки, но и да се касне добро во некоја од старите, веќе прочуени, врањски кафеани и меани. За оваа појава известуваат и локалните медиуми, кои велат дека бројот на Македонци во двата града северно од Северна Македонија опасно би можел да парира на инвазијата на Кинезите на Париз и Венеција.
Македонските шопингхоличари најдоа нови топ дестинации за купување облека и храна. Наместо во Солун или во Софија, последните неколку месеци хит за пазарење се Врање и Урошевац. Оние што биле велат дека за евтини пари може да се обнови гардеробата со популарни марки, но и да се касне добро во некоја од старите, веќе прочуени, врањски кафеани и меани.
За оваа појава известуваат и локалните медиуми, кои велат дека бројот на Македонци во двата града северно од Северна Македонија опасно би можел да парира на инвазијата на Кинезите на Париз и Венеција.
Ова е интересен феномен, бидејќи со години наназад трговските центри во Скопје буквално се преплавени со купувачи од Србија и Косово.
– Некако преку ноќ, македонскиот стана втор официјален јазик во Врање, се шегуваат локалните медиуми и посочуваат дека има повеќе причини поради кои Македонците секој викенд се побројни го посетуваат српскиот град, меѓу кои добрата скара, но и слободното пушење во кафеаните – она што кај нас со години е забрането.
А на улиците и паркиралиштата во Врање во викендите, најчесто можат да се забележат регистерски таблички од Куманово и Скопје.
Угостителите веќе ја разиграа шемата со превозниците кои носат тури од Северна Македонија до Врање за 300 денари во двата правци. Автобусите им ги носат гостите до пред влез, а внатре во кафеаните е се спремно од раните утрински часови. Прво се оди на шопинг, а потоа се разбира на ручек, добра скара и домашно вино и ракија. За пристојна цена од околу 2.500 динари (наши 1.200 денари) тројца може да ручаат екстра. Скара, салати, пијачка. Само не барајте компири, со тоа врањанците во меаните слабо стојат, иако надалеку е прочуен врањски црвен компир. Најпопуларен ресторан за Македонците е “Код баке на ручак”. Тука надвор на ред се чека, едни да станат за други на седнат да ручаат.
Ни пријдоа Македонци, со полни раце кеси од шопинг. Велат “чувајте ни ја масата по ручекот, ние ќе чекаме надвор да завршите, па да каснеме и ние од скарата”. Ништо помалку не се чека на ред за ручек во “Моравче”, “Стара механа”, “Скадарлија”, “Стари бунар”… Се организираат вистински гозби.
Во Врање, најчесто се оди во сабота, во поголеми групи.
– Многу е забавно, по улиците во Врање се слуша македонски јазик како кај нас, а можеш да се сретнеш и со луѓе кои ретко ги среќаваш во Скопје, раскажува наша соговорничка. Таа вели дека најмногу била заинтересирана за купување на чевли во фабриката со познат бренд и не очекувала дека ќе најде и други интересни продавници, но впечатоците и од градот и од домаќините и се одлични.
Продавачките во продавниците, велат дека од купувачите, претежно од Скопје и Куманово, веќе поприлично го научиле македонскиот јазик.
Ако сабота е ден резервиран за шопинг во Врање, од пред некој месец хит дестинација за Македонките е и Урошевац. Но, она што е примамливо во ова патување е тоа што од Скопје до аутлет шопинг центарот во косовскиот град е бесплатно.
– Отидовме во Урошевац не очекувајќи ништо, чисто од љубопитност бидејќи беше бесплатно и не се вративме разочарани. Напротив, со неколку торби в раце. Веќе се договараме со колешките да букираме места за некоја следна недела, бидејќи местата се резервираат многу претходно, ни рече нашата соговорничка.
Со години наназад Срби и Косовци доаѓаат на шопинг во Скопје. Трговските центри се уште се преплавени со “странски” купувачи кои низ град се препознаваат по кесите со луксузни брендови. Од Приштина, Урошевац Врање, Лесковац… има редовни шопинг тури кои ги организираат познати агенции. “Шопинг туризмот е многу доходовен за нас туроператорите, но многу социјален за нашите клиенти. Од една страна ќе се подноват и ќе се прошетаат заедно, од друга имаат интересна дружба, информираат од агенциите.
Извор: Вечер