Дуке Бојаџиев, еден од најистакнатите македонски композитори на интернационалната сцена, по вторпат стана татко. Синот ќе се вика Леон. Убавата вест популарниот пијанист и автор веднаш ја сподели на социјалните мрежи објавувајќи неколку фотографии, објави Женски магазин.
Двојката го има и синот Тео кој, како што откри Дуке претходно во интервју за „Женски магазин“, покажува музички амбиции и има одличен слух.
– Не знам каде ќе го носи патот понатаму. Јас секако го следам и помагам неговиот духовен развој, но сакам да расте без мои сугестии што да прави со себе. Како и на сите нас, само ќе му се каже кога ќе дојде време. Јас само се трудам да му дадам добар пример како човек и татко – ни изјави тој.
Дуке Бојаџиев е роден на 24 септември 1972 година и е македонски композитор, продуцент и пијанист, кој живее и работи во Њујорк. Тој досега има издадено седум соло албуми. Неговата музика е дел од светски познатите компилации „Буда Бар” (Buddha Bar), „Маракеш Експрес” (Marrakech Express) и „Чил аут ин Париз“ (Chill out in Paris). Има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ на Џонатан Деми, и за македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов.