3-годишниот Кејси Хатавеј кој преживеал два дена во шума на ниски температури во американската држава Северна Каролина, ѝ раскажал на полицијата и семејството дека го чувала пријателски настроена мечка која постојано била со него.
Спасувачите кои го чуле плачот на детето, го пронашле вечерта на 24-ти јануари, премрзнато и мокро, но безбедно. Тој исчезнал на 22-ри јануари во толку лоши услови што потрагата била откажана.
Шерифот на областа Крејвен, Чип Хјуз изјавил дека Кејси имал “пријател во шумата кој постојано бил со него”, пишува британскиот “Guardian”.
Шумите на Северна Каролина се полни со црни мечки, потсетува весникот. Хјуз изјавил дека детето си играло со уште две деца во дворот на својата баба во местото Ернул на 22-ри јануари, но не се вратил дома со нив.
Во потрагата по исчезнатото дете учествувале хеликоптери, дронови, единица со специјално обучени кучиња и нуркачи, како и стотина волонтери. Меѓутоа, до 24-ти јануари временските услови толку се влошиле што властите апелирале волонтерите да останат дома.
“Тој е вистински борец”, изјавил Хјуз, додавајќи дека спасувачите морале да пројдат низ вода чие ниво било до струкот, за да дојдат до детето кое било високо само 66 центиметри.
Шерифот изјавил дека детето имало само неколку гребаници и единствено што побарало е вода и да ја види својата мајка.