И Македонија ги забрани летовите на „боинг 737-макс 8“ и „боинг 737-макс 9“. Од Агенцијата за цивилно воздухопловство велат дека причина за забраната е истрагата која се води во врска со овие типови на авиони.
„Од денеска е на сила забраната за слетување и полетување на воздухопловите ‘боинг 737-макс 8’ и ‘боинг 737-макс 9’, како и надлетување над воздушниот простор над државата. Забраната следи како мерка на претпазливост“, изјавија од АЦВ за Независен.
По трагичната несреќа на летот ЕТ302 на компанијата „Етиопијан ерлајнс“, кога авион од типот „боинг 737 макс 8“ се урна при што загинаа сите патници и членови на екипажот, Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) вчера одлучи да ги суспендира сите летови на овој модел на авиони. Како мерка на претпазливост, ЕАСА објави директива со која се откажуваат сите летачки операции на моделите „боинг 737-8 макс“ и „737-9 макс“ во Европа.