Советниците од Општина Охрид на последната седница речиси едногласно одлучија веќе да не се издвојуваат општински пари за кофинансирање на концерти на балкански естрадни ѕвезди. Вакви музички манифестации редовно се одржуваа во Охрид во шпицот на туристичката сезона, на просторот кај спортската сала „Билјанини Извори”, пишува СДК.мк
„Кога направивме анализа, видовме дека најголема корист од вакви концерти имаат продукциските куќи од земјава, кои ги организираат. Градот нема никаков ќар. Градот секоја година во периодот од 14 јули до 15 август е полн со гости, а ваквите концерти не носат нови туристи. Заклучивме дека ниту од државјаните од соседните земји нема некој голем интерес за вакви манифестации”, соопштија од локалната самоуправа.
Неофицијалните податоци покажуваат дека само лани неколку продукциски куќи собрале околу 5,5 милиони денари од одржувањето на концертите.
Во шпицот на туристичката сезона, изминативе години во Охрид настапуваа Северина, Марија Шерифовиќ, Цеца Ражњатовиќ, Лепа Брена и други естрадни ѕвезди од регионов.