Ципрас утре ќе го блокира Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Поради утрешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас утре од 09 часот и 30 минути до 20 часот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно подрачје на Град Скопје.

Министерството за внатрешни работи во попладневното соопштение апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат насоките од полициските службеници и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.

Премиерот Алексис Ципрас ќе ја предводи грчката делегација, која во вторник на 2 април ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија.

На врвот на агендата на првата посета на еден грчки премиер на северниот сосед е средбата меѓу Ципрас и македонскиот колега Зоран Заев. Билатерални средби со своите ресорни колеги во Скопје ќе одржат и грчките министри кои ќе го придружуваат Ципрас. По овие разговорите предвиден е состанок на Советот за соработка меѓу Северна Македонија и Грција, односно своевидна меувладина седница по што ќе следи и заедничка прес-конференција на двајцата премиери.

Ципрас во Северна Македонија, како што е порано најавено,доаѓа за да го потврди унапредувањето на соработката меѓу двете земји откако е решен повеќедеценискиот спор околу името, како и за зајакнување на економската соработка. Грчките медиуми јавуваат дека Ципрас во Скопје ќе го придружуваат и претставници на 70 средни и големи грчки компании.

Премиерите Заев и Ципрас попладнето на 2 април ќе го отворат и Бизнис форумот каде компаниите од двете земји ќе се поврзат и ќе ги разгледаат можностите за можна соработка. Грчкиот премиер, претходно, треба да се сретне и со претседателот на парламентот на Северна Македонија, Талат Џафери.

Инаку се очекува Зоран Заев, многу брзо по посетата на Ципрас во Скопје да замине во возвратна посетата во Атина.