Затворен стационарот Вардариште: Болни животни, лоши услови за чување

ИЗВОРСкопје24
|

Ставен клуч на врата на стационарот за чување бездомни кучиња Вардариште во Скопје. Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство го затвораат објекто поради појава на заразни заболувања кај бездомните животни и непостапување по дел од утврдените пропусти во работењето констатирани со направената контрола на 19 март годинава. Со Вардариште стопанисува „Комунална хигиена” – Скопје.

„На сила е и изречена забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата. Официјалните ветеринари, наредија и спроведување на мерки за темелна дезинфекција дезинсекција и дератизација во стационарот во рок од 5 дена пред негово повторно отворање, стои во соопштението од Агенцијата.

Инаку кај дел од заловените животни констатирано е нарушено здравје и присуство на болести и утврдено е дека тие во прифатилиштето се сместени во исти простории со здравите животни, бидејќи не постои посебна просторија – карантин наменета за лечење на болните и за опоравување на животните кај кои се извршени хируршки интервенции. Не работела и комората за одлагање на угинатите животни, а пред ламелите на кафезите не биле поставени листите за хигиена со информации за тоа кога е извршено чистење и со кои средства се спроведени мерките за дезинфекија, дератизација и дезинсекција.

„За констатираните недоследности на 20 март, издадено е решение со кое се наложени мерки за отстранување на утврдените недоследности со контролата и наложено е животните кои се заловуваат задолжително да бидат обележани со микрочип или со други видливи средства за идентификација. Заловените животни треба да бидат вратени на местото каде се заловени најдоцна во рок од 30 дена. На ова прифатилиште изречена му е и мерка забрана за сместување на кучиња помали од 6 месеци без мајки. На 2 овој месец, официјалните ветеринари извршија контролен инспекциски надзор во стационарот „Вардариште” при што е констатирано дека е постапено по наложените корективни мерки. Извршена е делумна санација на оградата, воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција комората за одлагање на лешевите и воспоставен е карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето на соодветна евиденција за секое заловено куче, а преземни се и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.