Верувале или не: Јапонците се несреќни и во паника, бидејќи нема да работат 10 дена

ИЗВОРСкопје24
|

Јапонците ќе мораат деновите од 27 април до 6 мај да ги поминат неработно, по повод абдицирањето на царот Акихито, чиј престол ќе го преземе неговиот најстар син Нарухито, а многу работохоличари во оваа земја оваа вест ја доживуваат со страв, пишува „Гардијан“.

Многумина ќе заминат на туристички патувања во странство, но работниците кои ги плаќаат по час не му се радуваат на одморот.

Како што пишува „Гардијан“, не се радуваат ниту многубројните родители во услужниот сектор, бидејќи што ќе прават со децата додека тие работат. Во текот на тие 10 дена за децата нема да бидат достапни решенијата: продолжен престој во училиште или во градинка.

„Искрено не знам како да го поминам времето сега кога ненадејно добивме 10 слободни дена – рекол Сеиша Сато (31), вработен во финансиска фирма.

– Ако сакате да патувате, секаде ќе биде полно, а скокнаа и туристичките цени. На крајот би можел да завршам кај родителите – рекол тој.

Јапонските магазини спровеле анкета која покажа дека 45 отсто од анкетираните се чувствуваат несреќно кога станува збор за одморот, додека 35 отсто се среќни поради тоа.

Просечен Јапонец користи само 10 слободни дена годишно, што е половина од вкупниот број на денови кои ги имаат за годишен одмор.

Околу 60 отсто од Јапонците се чувствуваат виновно кога користат платен годишен одмор, а многумина велат дека тоа е поради шефовите кои не дозволуваат отсуство од работа.