Три прекрасни села во Македонија кои мора да ги посетите

ИЗВОРСкопје24
|

Убавите села низ Македонија ќе го привлечат секој љубител на природата, а истите се доказ дека нашата држава ги има сите услови за успешен селски туризам.

Во продолжение ви го прикажуваме нашиот избор на едни од најубавите села во Македонија:

Папрадиште

Во областа Азот во западната страна на велешката околија, сместено на 1.000 метри надморска височина, каде што орлите се гнездат под врвот Солунска Глава, на падините на планината Јакупица се наоѓа мијачкиот „остров“ во централна Македонија – селото Папрадиште. Името го има добиено поради изобилството на папрат во селото и во околината. Папрадиште е прекрасно преку целата година. Тука човек за само неколку денови ја надополнува енергијата што ја троши во град и на работа.

Tрпејца

Селото Tрпејца е сместено во подножјето на планината Галичица, во една природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег од Охридското Езеро, на надморска височина од 695 – 750 метри. Поради својата привлечност, изворедната поволна положба и природни убавини, од втората половина на ХХ век во Трпејца во се поголем развој и подем е туризмот, а особено летниот езерски туризам.

Зовиќ

Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Припаѓа на Општина Новаци и со тоа влегува во рамки на пределот на битолско Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Се наоѓа на надморска височина од 725 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка Свети Атанасиј, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село. Крај селото веднаш по познатиот Зовички мост, Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе навлегува во карпеста клисура од каде кај местноста Еленик се спојува со реката Сатока која потоа се влева во Црна Река.